Фудбал - ЕП Франција (осминафинале)

Тројцата големи и дебитантот со иста желба

27.06.2016 08:31

Нема почесто ривалство на Европските првенства од она на црвената фурија и на азурите. Вкупно шест дуели, четири на последните три шампионати, исто толку победи на Шпанците, две на Италијанците, едно реми.

Двајца европски, односно тројца светски шампиони и еден натрапник за крај на осминафиналниот сегмент на фудбалското континентално првенство, Италија - Шпанија и Англија - Исланд.

Нема почесто ривалство на Европските првенства од она на црвената фурија и на азурите. Вкупно шест дуели, четири на последните три шампионати, исто толку победи на Шпанците, две на Италијанците, едно реми.

Кјелини вели кога не совладаа на пенали во четвртфиналето на ЕУРО 2008-ма почна нивниот златен период, дефанзивецот на Италија смета дека и пресметката на Стад Д Франс во Париз ќе ја реши детаљ. Пред четири години, Шпанија го освои третиот трофеј со најубедливото славје во финалињата, 4:0, Италија нема победа пет меѓусебни меча на големите натпреварувања од мундијалот во 1994-та, но  традиција ветува неизвесен меч, по 10 триумфи и 14 нерешени.

„Во Киев не бевме способни за финале, се истрошивме во полуфиналето против Германија, но сега не очекува балансиран дуел“, се надоврзува стоперот на Јувентус. Против Ирска, Конте одмори најголем број од стартерите, во осминафиналето ќе отсуствува повредениот Кандрева, ќе го замени Флоренци.

Шпанците се комплетни, најавен е истиот тим како и во трите натпревари во групата, прваците имаа пет дена да се соземат од хрватскиот шок. „Италијанците ќе не притиснат уште од почетокот, играат најдобра одбрана, го тераат противникот да дојде до максимумот од можностите, мечот ќе бара многу трчање и борба, па затоа е потребно да одиграме најдобар фудбал“, изјави Фабрегас.

И Германците внимателно ќе го следат дуелот во Сен Дени, подобриот или можеби посреќниот ќе биде нивниот четвртфинален противник.

Спротивно, минорно е заедничкото минато на Англија и на Исланд содржано со два пријателски меча, нерешено во Рејкјавик, 1:1 пред 34 години, 6:1 во Манчестер во 2004-та, Руни постигна два гола. Дури 25 натпревари во квалификациите и на Европските првенства, Гордиот Албион нема пораз во 90 или 120 минути, но последните две елиминации му се на пенали. По критиките за шесте ротации во дуелот со Словачка, Хоџсон пак ќе менува и најави враќање на четворката на Тотенхем, Кејн, Али, Роуз и Вокер. Ќе стартува и капитенот Руни што според размислувањата на англискиот селектор автоматски значи клупа за Варди. „Среќен сум што имам многу опции меѓу резервите. Прифаќаме дека сме фаворити, ги респектираме и знаеме дека ќе биде тешко, но очајно ни е потребно да останеме на турнирот затоа што заслужуваме добар резултат“,смета највозрасниот стратег.

Исланд нема многу избор, па и во четвртиот меч ќе настапи со истиот состав. Без пријателските, Исланѓаните немаат пораз на осум натпревари. Во Ница се најавени 26 степени, Лагербек процени дека поради тоа не знае како ќе се одвива натпреварот, но неговите фудбалери тренираат пенали. Другиот дел од селекторскиот тандем, Халгримсон вели дека и за двете репрезентации ситуацијата е иста, победа или враќање дома, но дека фудбалери веќе се во срцата и главите на сонародниците. 10 илјади или 3 проценти од популацијата на Исланд ќе биде во Ница. Можат ли Нордијците да спречат прва нокаут пресметка во 93-годишната историја на Франција и Англија?

18.00 и 21.00 часот се термините за преноси на МТВ1 од последните осминафинални дуели.