Фудбал - ЕП Франција 2016

Англија без идентитет

29.06.2016 14:26

Не е проблемот само во елиминацијата од ЕУРО и по оној од Американците пред 66 години во Бело Хоризонте најтешкиот пораз во англиската историја, секако фудбалска. По единствената титула, мундијалската во 1966-та, се случувало Англичаните и да не се пласираат на големите натпреварувања, да си заминат од нив брзо или ненајдено кога биле во полна сила, но овојпат Гордиот албион не го загуби само осминафиналето, туку идентитетот.

50 години патење, а фудбалската депресија нема крај, Англија е до, можеби и го допре дното. Некогаш оправдување беше „божјата рака“ на Марадона, многу почесто несреќните пенали, одвреме навреме судиските грешки, црвените картони, но дојде време да се признае: „Не заслепи Премиер лигата, мислевме дека сме најдобри на светот според талентот. Не сме. Комплетно зависиме од странските фудбалери и тренери. Не сме добри како што мислевме“, беше искрен по поразот од дебитантот Исланд, екс - голгетерот, Ширер.
 
Не е проблемот само во елиминацијата од ЕУРО и по оној од Американците пред 66 години во Бело Хоризонте најтешкиот пораз во англиската историја, секако фудбалска. По единствената титула, мундијалската во 1966-та, се случувало Англичаните и да не се пласираат на големите натпреварувања, да си заминат од нив брзо или ненајдено кога биле во полна сила, но овојпат Гордиот албион не го загуби само осминафиналето, туку идентитетот. Англија не го игра фудбалот со којшто беше препознатлива и омилена и кога беше поразувана. Каде ли изчезнаа островската агресивност, десетиците центаршутеви и лизгачки стартови, небеските воздушни дуели, неброените шутеви, притисокот од којшто противничките одбрани се плашеа сами да не ја затресат мрежата. Не дека и тогаш Трите лава не губеа, но барем тоа беше гордо, со желба и со стил. 
 
На страна тактичките промашувања, од типот Руни како дефанзивен играч за врска, Кејн изолиран на страничната позиција, Варди на клупата, примените голови од аут, коишто патем се нивни изум и тоа на еден од асистентите, Доуи, Англија во Франција као никогаш досега не личеше на себе. Што би рекол уште еден некогашен врвен стрелец, Линекер, не без план Б, туку воопшто без стратегија. 
 
А неа ја нема откако континенталниот го асимилираше островскиот фудбал и тоа на негов терен. Премиер лигата е најактрактивна, најскапа, телевизиските права за следните три сезони глобално вредат повеќе од 6 милијарди фунти, но проблемот се другите бројки коишто ја покажуваат доминацијата на европскиот фудбал. Англичаните се обидуваат да се прилагодат, 14 елитни клуба имаат странски менаџери, ги донесоа врвните Мурињо, Гвардиола, Конте, ги имаат Венгер, Клоп, Билиќ, но немаат или имаат малку материјал за топ репрезентација. Во Премиер лигата играат само 176 англиски фудбалери, што колку и да не е за споредба, не е многу повеќе од бројот на исландските професионалци. 
 
Одеднаш и Англија сака да игра модерен фудбал, 4-3-3, 4-3-2-1 или којзнае уште која варијанта, а за тоа нема класични и квалитетни крила, нема вистинска „десетка, на Еропското првенство дојде со само тројца стопери. 
 
И таква Англија има потенцијал и младост со коишто ги мина квалификациите со максимални десет победи, но во Марсеј, Ленс, Сент Етјен, Бордо и Ница немаше искуство и беше без лидер на клупата. Хоџсон делуваше загубено и тактички и како да не ги познава своите избраници и нивните можности. Зарем може да се компарира со Конте и неговото знаење, проценки, страст крај аут линијата. 
 
Затоа во конкурсот за нов селектор, ФА како критериуми ќе ги постави сите овие загубени вредности, нив може да ги исполни и некој странски стручњак, но колку Англичаните се очајни за успех потврдува и изјавата на Извршниот директор, Глен кој вели дека тоа може да биде и некоја дама. 
 
И да е тоа само познатиот англиски црн хумор и без потценување на понежниот пол, но и ако е од лулката на фудбалот, многу е. 
 
Од Франција за Македонската телевизија, Горан Стерјов