По 1/8-финалната елиминација на ЕУРО 2016

Крај на шпанската слава

29.06.2016 15:42

Падна митот за „црвената фурија“ којашто обележа едно свое, но и значајно европско поглавје. Сериозно ранета пред две години во Бразил, подлегна на повредите коишто и ги нанесе Италија. Дојде по шампионски хет-трик, но на ЕУРО кажа осминафинално збогум...

Од 29-та јунска ноќ во Виена 2008, опстоја до 27-та јунска квечерина во Париз оваа 2016. По осум години неприкосновеност, урната е шпанската фудбалска династија на континентот. Падна митот за „црвената фурија“ којашто обележа едно свое, но и значајно европско поглавје. Сериозно ранета пред две години во Бразил, подлегна на повредите коишто и ги нанесе Италија. Дојде по шампионски хет-трик, но на ЕУРО кажа осминафинално збогум.

Чудно за бранителот на круната, но неговата рана елиминација и не шокираше многумина. Не поради огненото вкрстување со Италија на стартот на нокаут-фазата, или пак затоа што секој којшто се качува на врвот еднаш мора и да падне од него. „Аѕурите“, тие вечни губитници во меѓусебните соочувања на големите турнири во последните 22 години, само го забрзаа чинот којшто веќе некое време се насетуваше. Опојните мириси од цветните алеи на шпанскиот репрезентативен фудбал почнаа да бледнеат уште по Киев 2012. Рио пред две години брутално им ја распрсна нишката којашто оставаше без здив во светски рамки, а беше неизбежно овде во Франција сосема да згаснат. Висенте Дел Боске остана без волшебниот прав.

Неискористениот пенал на Рамос во групното дерби со Хрватска и голот примен во финишот им го трасираа патот кон дома по најбрзиот колосек. Антонио Конте знаеше каков кошмар е за нив одбрана со тројца стопери и пресликувајќи го холандскиот и чилеанскиот рецепт од Бразил ја уништи инвентивноста на шпанските креативци. Тие, пак, поистрошени, попредвидливи, побавни во размислувањата, згора и неколку години повозрасни од порано, ја загубија магијата. Последен тоа го сфати Дел Боске. На сите четири меча инаетливо остана на визиите и на вербата во еден ист состав, од којшто не го доби тоа што го чекаше. Нолито му беше во преден план, ветеранот Адурис требаше да му биде џокер, а немаше видлив план „Б“ кога нештата тргнуваа надолу. Иниеста, Фабрегас и Силва беа само сенка од некогаш, Пике и Рамос речиси исто така, само Де Хеа оправда дека Касилјас е за репрезентативна пензија.

За пензија е и Дел Боске. Ако реши, може да остане селектор, но колку објективно може да ја крене Шпанија, ако таа со него се вивна до бескрајот, но еве и силно тресна. Тоа што нема негов јасен наследник на видик не значи дека насила треба да продолжи да ја води веќе стивнатата фурија. На Енрике и на Гвардиола се уште не им е време, тие допрва ќе го чекаат вистинското, но шпанскиот фудбал мора да биде конкурентен и дотогаш, под водство на некој којшто ќе има повеќе храброст и смелост, на пример, да ги фрли во оган Иско, Коке, да им рече благодарам на уште некои од старата гарда. Едноставно, да знае да ја пренесе Шпанија до мигот на нов голем блесок. Ако тој некогаш воопшто повторно може да биде макар и налик на оној чиишто зраци штотуку зајдоа зад хоризонтот.