ЕУРО 2016 Франција

Неуверливата Португалија против гранитната Полска

30.06.2016 07:58

Португалија ја темели својата сила на еден вонвременски поединец, на Кристијано Роналдо. Полска е на сосема поинаков начин скроена! Го нема Роналдо, но има тим! Без никакви измени Адам Навалка го подготвува својот состав за следното искачување.

Португалија, староседелецот, против Полска, која првпат се соочува со тежината на чекорењето кон европските височини. Со сила и рутина на стар освојувач на фудбалските простори, Португалците со еден замав ја тргнаа Хрватска од својот пат. Полјаците многу поуспешно и побезболно ги реализираа обврските во базниот камп, во друштво на Германија, Северна Ирска и Укранина!Но, брзо ја согледаа чувствителноста на насоката на качување,на која не смее да се направи погрешен чекор.Мораа да потрошат многу енергија и нерви за да ја решат швајцарската загатка...!

Двете селекции се пред новото искушение. Успон кон полуфиналето од нулта надморска височина, од Марсеј. Полјаците на најлошиот француски тревник, на Велодром, ја совладаа Украина со 1:0. За Португалците овој стадион е будење на не многу пријатните сеќавања  на 84-та , на елиминацијата против Французите во ½ финалето.

Може ли да се издвои фаворит, врз основа на досегашните настапи на двата противника во Франција? Кои се адутите на кои сметаат двајцата селектори?

Португалија ја темели својата сила на еден вонвременски поединец, на Кристијано Роналдо. Полска е на сосема поинаков начин скроена! Го нема Роналдо, но има тим! Без никакви измени Адам Навалка го подготвува својот состав за следното искачување.

„Ако сакаме да победиме, ќе мораме на Португалија да гледаме како на тим, а не само да се фокусираме на Роналдо. Што се однесува до нашите резултати, тие не се изненадување, ние постојано напредуваме.“-вели Навалка.

Полска е своевидна машинерија која функционира без кормилар, без класичен плејмејкер. Со одбрана гранитна,која само еднаш досега капитулира со Глик и Паздан поставени на браникот!Срцето и душата на ова друштво  се  Криховијак и  вдахновениот Блашчиковски...И секако Левандовски, одамна потонатиот во својте голгетерски грижи! 643 минути изминаа откако го даде својот последен евро-гол!Но, големите се најсилни кога е најпотребно!

Уморни ли се асовите?

Бидејќи, и Роналдо е преокупиран со себе и со својата игра! Тој е на ветрометината кога , и нацијата, и Сантош, и соиграчите, го гледаат предводникот, волшебникот, кој ќе ги одведе до посакуваната цел.Со двата гола против Унгарија, Роналдо  ја извлече Португалија од дното. Во стресните 120 минути од Ленс против Хрватска, немаше ниту трага од неговото лидерство, но сепак учествуваше во постигнувањето на голот...Нема ниту една репрезентација на ова еуропео, толку зависна од еден човек!Но, португалскиот селектор Сантош не сака да го признае тоа: Тој вели: Јас имам 23-ца играчи во многу добра форма. Тие знаат што сакаат. Во ваквата фаза од првенството талентот е додадена вредност , а на турнирите победуваат тимовите.“

Португалија само двапати останала во ¼ финалната зона! А, европското минато раскажува- кој ја елиминирал Португалија, станувал европски шампион, тоа е мотив повеќе за Полска!