Португалија четвртфиналист на сите шест настапи на ЕП досега

Тактиката на Сантош и генијалноста на Роналдо за полуфинале

30.06.2016 13:39

Од Европското 1996 наваму, Португалија е секогаш во четвртфиналето. Го мина на три од петте турнира овие 20 години. Во Франција? Ако се суди по неубедливоста и по четирите ремија досега, којзнае...

Една суперѕвезда и околу неа играчи коишто или го минале зенитот или допрва стапуваат на сцената. Соочен со таков ростер, не е ни најмалку изненадување што Фернандо Сантош скршна од традиционалното сфаќање на Португалија како европски Бразил. Но ако и „кариоките“ последниве децении се многу повеќе Европејци отколку Јужноамериканци, што па го спречува Сантош на ова првенство да игра на резултат, а не за ибериската нација да ужива во убавините на фудбалот. 

Од Европското 1996 наваму, Португалија е секогаш во четвртфиналето. Го мина на три од петте турнира овие 20 години. Во Франција? Ако се суди по неубедливоста и по четирите ремија досега, којзнае. Но, токму тоа што селекторот наоѓаше начини да го преброди прво шокот со Исланд, па промашениот пенал на Роналдо со Австрија, па трипати да ја враќа од елиминација против Унгарија и на крајот мудро да дочека да ја исфрли Хрватска, е адут во  полза на Португалија.

„Не си одам одовде до 11 јули и не зборувам за одмор“. Со овие зборови во раната фаза на турнирот, Сантош зачуди многумина. Тогаш не го сфатија баш сериозно, но сега кога патот кон завршницата и е отворен на неговата репрезентација, добиваат поинаков призвук. .

Спротивно на неговиот претходник Пауло Бенто, којшто пред четири години сите пет меча, дури и полуфиналето со Шпанија го почна со исти 11, на ова првенство нема пофлексибилен селектор од Фернандо Сантош. Од играчите во поле, досега ни минута не му даде само на четвртиот стопер Бруно Алвеш. На Хрватите, на пример, им истрча со тројца коишто целосно ја преспаа групната фаза. Има и истрошени поединци како Карваљо, неподготвени како Мутињо, играчи надвор од форма како Едер или Виериња, но засега вешто комбинира и успева да ги премости индивидуалните недостатоци. Впрочем, само четворица можат да се сметаат за сигурни стартери во неговата 4-4-2, со којашто ги замени традиционалните португалски 4-3-3. Фиксови му се голманот Руи Патрисио, Пепе, Роналдо и Нани.

Ја нема харизмата на Конте или ексцентричноста на Лев, но некогашниот тренер на Бенфика, на Порто и на Спортинг Фернандо Сантош е тивкиот тактички мастермајнд којшто незабележливо ја турка Португалија се погоре.

Се разбуди ли и конечно експлодира ли и Роналдо, се е можно !?