Фудбал - ЕП Франција 2016 (осминафинале)

Велс или Белгија против Португалија?!

01.07.2016 14:04

Наизглед Велшаните се ослободени од притисок затоа што од нив не се очекуваше да го повторат мундијалското четвртфинале на репрезентацијата којашто во 1958-та загуби од Бразил на Пеле со 1:0. Фудбалското лудило коешто владее во Велс го крева мотивот...

Минаа 58 години од првата велшка фудбалска револуција, 36 од најголемиот белгиски успех, откако заедно дојдоа во Франција, патот ќе им се раздвои вечер во Лил. Кога Велс одигра 0:0 во Брисел и славеше во Кардиф со 1:0 беше јасно дека првото учество на Европските првенства е реалност, но малкумина претпоставуваа дека Бејл и компанија ќе бидат на чекор до големата четворка. Белгија, беше прва во истата квалификациска група и нејзиниот пласман во четвртфиналето е разбирлив затоа што генерацијата на Азар има квалитет рамен на онаа којашто во 1980-та играше во финалето. 
 
Кој на Пјер Моро стадионот, адреналинот ќе го канализира во успех? 
 
Наизглед Велшаните се ослободени од притисок затоа што од нив не се очекуваше да го повторат мундијалското четвртфинале на репрезентацијата којашто во 1958-та загуби од Бразил на Пеле со 1:0. Фудбалското лудило коешто владее во Велс го крева мотивот, па селекторот Колмен вели дека нема зошто да размислуваат за испаѓање, туку да уживаат во шансата којашто им се укажува. „Ова е голем тест за нас, неверојатно е што сме тука и треба да ги повториме работите кои не донесоа на ова ниво“, изјави Колмен задоволен од фактот дека на располагање ќе ги има сите фудбалери вклучувајќи го и капитенот Вилијамс кој се опорави од повредата на рамото.
 
Спротивно, белгискиот стратег Вилмотс има големи проблеми со составот особено во одбраната. Вермален има жолти картони, Фертонген во последните моменти од тренингот се повреди како надополнување на малерот со отсуството на двајцата главни стопери Компани и Ломбардс кои не ни дојдоа во Франција. Оттаму Џордан Лукаку ќе игра на позицијата лев бек, Симан или Денајер во средината на одбраната. Најдоброто, пак, за Белгијците е што предводникот Азар е во вистинска форма, постигна еден, асистираше за три гола, аналитичарите избројале 12 успешни дриблинзи против Унгарија. 
 
По поразот од Италија, црвените ѓаволи не примија, а постигнаа осум погодоци, но можат ли тоа да го повторат и против Велс чијашто мрежа не ја затресоа во кавлификациите?! „Имаат голем одбранбен блок, играат со петмина во дефанзива, средината им е составена од одлични фудбалери, а во нападот имаат вистинска ѕвезда. Се надевам дека ќе успееме да создадеме можности за гол“, изјави Азар кој во Лил е како дома бидејќи со 14 години дојде во овој француски клуб и ја освои титулата во 2011-та. 
 
12 натпревари, пет триумфи на Белгија, четири на Велс, три нерешени. По трите победи на Белгијците, во последните исто толку меча Велшаните не загубиле, но линијата меѓу тагата и радоста овојпат ќе биде тенка затоа што меѓусебе не одиграле ваков важен натпревар. 
 
Велс или Белгија, кој ќе биде полуфиналниот противник на Португалија, ексклузивно на МТВ1 во 21 часот. 
 
Од Франција за Македонската телевизија, Горан Стерјов