Велшкиот змеј лета високо на ЕУРО!

01.07.2016 14:38

Сега пред нив е „забревтаната“ Белгија којашто во манир на елитна репрезентација ја крева формата со секој одигран натпревар на шампионатот. Затоа Велшаните имаат аутајдерска почетна позиција, но таа за нив е подобра, отколку да бидат сметани за фаворити како против Ирците на последниот меч.

Стратегија, цврста дуел игра, физичка подготовка за да не можат да бидат наттрчани, фудбалска ѕвезда што сјае на сите точки на голбусот, инспирирачка мотивација, тимски дух... Велшаните се во четвртфиналето на Европското првенство! Ги освоија симпатиите, уверувајќи дека местото во континенталниот октет им е сосема заслужено! Ја совладаа Словачка, против „поголемиот брат“ Англија водеа, а загубија со гол на крајот, ја надиграа Русија, го издржаа притисокот и победија во осминафиналето со Северна Ирска, покажувајќи дека имаат ментална цврстина и во натпреварите со голема тежина.

Сега пред нив е „забревтаната“ Белгија којашто во манир на елитна репрезентација ја крева формата со секој одигран натпревар на шампионатот. Затоа Велшаните имаат аутајдерска почетна позиција, но таа за нив е подобра, отколку да бидат сметани за фаворити како против Ирците на последниот меч. Токму таквата реална перцепција на силата на двете селекции ќе му овозможи на Крис Колман уште повеќе да се држи до системот којшто и му донесе резултат. Настрана од „црвениот ѕид“ на трибините, Колман постави стоперски ѕид пред голот на Хенеси. Честер, Вилијамс и Дејвис одлично се надополнуваат. Дејвис ја коригира бавноста на Вилијамс, кој му дава сигурност на одбранбениот ред со скок играта, толку значајна за дуелите со Лукаку. Годините полека тежат, искуството е предност, но телото има замор на материјалот којшто оневозможува подеднакво брза реакција во сите минути од натпреварот. Затоа селекторот одбра тројца, а не четворица во линија како што е вообичаено на островот. Иако нема премногу натпревари во велшкиот дрес, Честер има значаен придонес во триото коешто не дозволи Хенеси да прими гол на претходните две средби . Но сега предизвикот е поинаков! Креативноста на Азар и на Де Брајне, како и продорноста на Мертенс или на Караско, сеедно кој ќе биде десно, би требало да побараат поголем ангажман на својата половина на бековите Гантер и Тејлор. Петтемина ќе сакаат да го стеснат просторот за идеите на Белгијците и да ги натераат на што повеќе грешки. Ако тоа им успее, нема да дозволат течна игра на ривалот, а ќе отворат шанса за Бејл, Ремзи и Ален да одиграат на поширок простор, а не против позициски поставена одбрана. Така Велшаните ќе имаат повеќе шанси да стигнат до шеснаесетникот на Куртоа, кој не е совладан од голот на Џакерини во првото коло, или седум полувремиња по ред. Олеснителна околност е неиграњето на суспендираниот Фермален и на повредениот Фертонген. Белгија ќе има дефанзивна четворка којашто првпат ќе игра заедно. Тоа значи дека за да се искористи чекорот на Бејл или умешноста на Ремзи, потребна е брза и прецизна прва топка на Ледли и на Ален. Секако и упорност да се дочека! Колмен нема потреба да коригира во средниот ред, не само поради флоскулата дека тие што победуваат не се менуваат, туку и затоа што според карактеристиките во играта, Ален и Ледли се најпогодни за срцето на теренот. Едвардс тешко дека ќе ја напушти клупата.

Дебата може да има за тоа кој ќе биде најблиску до противничкиот гол. Сем Воукс ја имаше довербата против Русија и Северна Ирска, Робсон Кану против Англија, а Џонатан Вилијамс на отворањето со Словачка. Прашањето е што му треба на Колман? Брз фудбалер како Џонатан Вилијамс, којшто не е класичен напаѓач, со современ вокабулар таканаречена „лажна деветка“ или пак корпулентен шпиц и типичен центарфор како Воукс или Робсон Кану? Ако Белгија има поголем потенцијал, тогаш Велс треба да ги бара поедноставните решенија. Робсон Кану даде гол против Словаците како резервист, а Велс го скрши отпорот на Северна Ирска токму по негвото влегување на теренот што е аргумент во негова полза. Исто како и фактот дека со него Велс освои четири од можните шпест бода против Белгија во квалификациите. Воукс се уште не погоди на турнирот, но двапати беше стартер и неговата самодоверба е на високо ниво.  

Какви и да бидат потезите на Колмен, секако Велшаните нема да ја загубат физиономијата од претходните четири натпревари. „Ова е нивно време“, пишуваат велшките весници. „Историјата е сега“!