Фудбал - ЕП Франција 2016

Останува ли „ѓаволското“ во Белгијците?

01.07.2016 17:47

Белгија е во силен резултатски налет, во елемент на моментно втората фудбалска сила во светот!

Се разбуди ѓаволското во Белгијците!

По трите победи зад себе, осоколени, настрвени, во селекцијата на Велс ја гледаат својата нова жртва!Дополнителната сила ја внесува и Лил, сместен во близина на белгиската граница...Од таму потече најголемата навивачка река досега кон Франција од 200 илјади Белгијци, насочена кон „Пјер Моро“ стадионот...Незамисливо голема маса луѓе, која ќе сака да го продолжи патот и кон Лион на полуфиалето , а можеби и кон Париз...!

Белгија е во силен резултатски налет, во елемент на моментно втората фудбалска сила во светот!

А, почетокот не навестуваше ништо добро!

Белгијците беа фатени во стапица од Италијанците, мечот го загубија со 2:0, од него излегоа убиени во поим! Меѓу мноштвото лоши, веројатно најлошиот беше Кевин Де Бруин, од кого се очекуваше да биде еден од најважните. Дали овој пораз од „Аѕурите“ ја отвори вратата на белгиската соблекувална, од каде наводно истекол дел од отровот на меѓусебно раскараното белгиско друштво?

Па, нацијата мораше да повика на единство!

Во Бордо против Република Ирска, истрча главно тимот од Лион, но со нова обвивка. Со Де Бруин, Азар, Куртоа,  со фудбалскиот сјај кој го носат во себе. Два пати Лукаку и Витсел ја направија резултатската обработка врз Ирците со завршни 3:0. Селекторот Марк Вилмоц прокоментира: А, некои веќе не закопаа!-саркастично потсетувајќи на отровните стрели исфрлени по поразот од „Аѕурите“!

Следната битка за 1/8 финалето против Шведска носеше натпреварувачка, но и резултатска стратегија, математика, одење по жица за двата состава. Белгијците успешно го издржаа големиот притисок. Голот на Наинголан, не само што ги одведе во нокаут фазата, туку ги насочи и на полесното скалило во натамошното искачување, каде во отсутво на Шпанија, пред Белгија се отвори сосема нов хоризонт!

На „Кроазета“ во Ница, црвениот тепих беше распослан за разгоропадените „ѓаволи“. Тие рано, во 10-та минута ја фрлија чаролијата врз  исплашените  Унгарци, кои со 4 гола во својата мрежа, несреќни си заминаа од Франција. Еден Азар одново, беше лидерот и стрелец на еден гол во најуверливата победа, постигната  на ова европско првенство.

Но, непланираните отсуства во пресрет на дуелот против Велс, направија да не биде се толку идилично! Марк Вилмоц остана без половина од одбранбената четворка. Вертонген „пожолте“, а Вермален се повредил во последната минута од последниот тренинг! Не може, а Вилмоц да не чувствува паника! Тој пред Франција остана и без Компани и Ломбардс. Тинејџерите Џордан Лукаку, Симан и Денаир се преостанатите опции за пополнување на чувствителната, последна  линија на отпорот пред Куртоа.

Ќе успеат ли Белгијците да смислат нова „ѓаволштина“?