Фудбал - ЕП Франција 2016

Германска дисциплина, но и офанзива и креативност

02.07.2016 14:49

Претходно 2:0 со Украина, па потоа 1:0 со Северна Ирска и доминантни 3:0 во осминафиналето со Словачка, панцерите дозираа колку што им беше потребно за триумфи.

Можеби не блеска според критериумите за светски првак, но Германија делува моќно, има се по контрола. Злобниците ќе кажат дека противниците не се вистинско мерило, но Германците дојдоа до своето девето четвртфинале на Европските шампионати без проблеми, со три победи, реми и единствени без примен гол. Само во второто коло при нерешените 0:0 со Полска се почувствува дека тројниот првак се штеди и е внимателен, но веројатно и тоа беше дел од стратегијата, да не се влегува во ритам предвреме. Претходно 2:0 со Украина, па потоа 1:0 со Северна Ирска и доминантни 3:0 во осминафиналето со Словачка, панцерите дозираа колку што им беше потребно за триумфи.

Селекторот Лев остана на истата определба којашто на Германија и ја донесе четвртата мундијалска титула, не тактизира со лажна деветка, на теренот секогаш има класичен напаѓач, во Бразил тоа беше Клосе, во Франција е Гомез. Тоа му овозможи на младиот Дракслер да експлодира, а на Озил да има простор за креација, се чека уште да проработи Милер кој се уште нема гол на девете натпревари на континенталните шампионати.

Со поддршката на Крос и на Кедира тоа веројатно е најквалитетниот дел на репрезентацијата, па затоа Лев веројатно ќе инсистира и против Италија неговите фудбалери да го имаат поседот на топката. Германскиот стручњак сигурно знае дека тоа против аѕурите може да биде многу опасно, но најавува дека нема да се откаже од офанзивниот стил којшто му го носи формацијата 4-2-3-1. Германците се меѓу ретките кои во завршницата на акциите учествуваат со 5 - 6 фудбалери.

Контрадикторно, мрежата на еден од најдобриоте светски голмани, Ноер не се затресе ниту еднаш, а одбраната важеше за најпроблематичниот дел, ако има таков кај светскиот владетел. За разлика од пријателските мечеви, Лев не експериментира со тројца стопери, затоа што Кимих и Хектор одлично играат во два правца, а Хумелс и Боатенг досега беа сигурни. Германските претпоставки се дека Конте ќе се обиде токму преку нив да најде шанса, да ги изолира на широк простор во игра еден на еден со италијанските офанзивци.

Оваа генерација не е само дициплинирана,туку игра и креативен фудбал, а е и психолошки цврста. Затоа Крос вели дека не му значи ништо тоа што нивните претходници не ја победиле Италија на големите натпреварувања и ги загубиле четирите нокаут пресметки. Навистина, овие Елфи се сеќаваат на поразот во полуфиналето пред четири години, но во март годинава ја прегазија Италија во пријателски дуел со 4:1  и ја прекинаа црната серија од седум натпревари без победа. А, кога претходен пат се случи тоа и Германија во контролен натпревар пред дваесетина години ја совлада Италија, стана европски шампион.