Фудбал - ЕП Франција 2016

Силата на Германија против рационалноста на Италија

02.07.2016 16:51

Германците имаат свои правила и се држат црвсто до нив. Едно од нив вели дека противникот мора да се почитува...

Фудбалската класика меѓу Германија и Италија е стожер на четвртфиналето на ЕУРО 2016! Не само затоа што победникот ќе биде фаворит за титулата според селекторот Јоаким Лев, туку и поради фудбалските лавиринти низ коишто минуваа двете репрезентации честопати барајќи го излезот токму против денешниот ривал. „Тие се најсилни на светот“, убеден е италијанскиот кормилар Антонио Конте. „Имаат се, техника, талент, тактика, сила, организација“! Харизматичниот водач од клупата на „аѕурите“ несомнено направи пустош во сегашниот фудбалски поредок. Со елиминацијата на Шпанија во осминафиналето потсети на старото добро правило дека Италија треба да се бара таму каде што е фудбалот. Но Германците имаат свои правила и се држат црвсто до нив. Едно од нив вели дека противникот мора да се почитува. „Тие се опоравија од поразот од нас во пријателскиот натпревар. Гледаме дека за нив тие средби не се важни, туку дека се насочуваат на турнирите“, Лев потсетува на непредвидливоста на Италијанците, но уверува дека неговиот тим има полна самодоверба поради квалитетот со којшто располага.

Колку и да се успешни со четири светски и три европски круни, Германците се натажуваат кога пред нив ќе се отсликаат спомените од дуелите со италијанските „фратели“. На осум досега на континенталните шампионати и на мундијалите, „сините“ имаат четири победи и четири нерешени, минувајќи го моќниот „маншафт“ во четирите судири во нокаут-сегментот. Оваа генерација не ги памети 70-тата и 82-та, но се сеќава на 2006-тата, а ја почувствува италијанската умешност во полуфинаето на претходниот еврошампионат пред 4 години. И тогаш Италијанците не беа фаворити, како што не се ниту сега. Но тоа е нивна природна средина, кога се отпишани, тогаш се најопасни. А тие ја отпишаа Шпанија, ја совладаа Белгија, примија само еден гол и тоа во безначајниот дуел со Република Ирска. Основата на составот доаѓа од Јувентус, а може да биде уште поголема доколку Стураро настапи како последен играч за врска. Де Роси се жали на повреда, а Мота е суспендиран поради два картона. Иако Лев очекува Де Роси да заигра, сепак, ова може да биде уште поголем товар за одбраната на триото Бонучи-Барѕаљи-Кјелини.  На чело со Буфон, дефанзивата делува непробојно, но што да се каже за германската којашто на ова Европско првенство се уште е несовладана!

Од 2004-та досега „панцирите“ петтпати по ред се во полуфиналето на големите фудбалски самити, а Италија знаеше да киксне, но во истиот период освои светска титула, исто како противникот и загуби едно европско финале. Затоа денешниот совет за фудбалска прогноза е неблагодарен. Но препораката е едноставна: навивајте и уживајте! Преносот е од 21 часот во рамки на емисијата „Еурофорија“.