Фудбал, ЕУРО 2016, 1/4-финале

Ќе ја запре ли Франција исландската бајка

03.07.2016 13:53

Ова е најголем натпревар во фудбалската историја на Исланѓаните. Пред Французите е задачата да се потрудат да ги направат нивните противници да се чувствуваат како победници, дури и ако авантурата на ова ЕУРО конечно им заврши.

Може ли домаќинот да има поотворен пат кон завршницата на Европското фудбалско првенство, од тој во четвртфиналето да треба да игра со Исланд. Ниту Франција не може да и одолее на мамката однапред да се види меѓу четирите, па триумфот денеска се подразбира и веќе се мисли на полуфиналето.

Но, нацијата добро знае дека „триколорите“ вистински моќно одиграа само во едно од осумте полувремиња досега и оти минорната селекција од островот на вулканите и на гејзерите е се, само не противник којшто смее да потцени.

Колку повеќе Дидие Дешам има на ум дека се уште не ја уверил државата дека неговите избраници имаат капацитет да ги фрлат во еуфорија Париз и цела Франција на 10 јули, подобро. И тој знае дека на „Стад Де Франс“ вечер тоа мора да се промени и да се избрише бледилото коешто ги следи како сенка. Ривалот знае да постави минско поле на фудбалскиот терен, но сепак е – само Исланд.

И затоа, селекторот на „галските петли“ нема многу избор. Мора да ја прати на терен онаа Франција којашто ја прегази Република Ирска за само 45 минути во осминафиналето.Тоа значи формација 4-2-3-1, којашто тој прво ја одбегнуваше, но некако принудно мораше да ја повика. Со Погба и со Матуиди повлечени средни играчи, со Коман и со Паје бочно пред нив и со Гризман зад Жиру во шпицот. Ако така беа пробиени Ирците, нема причина зошто не би потклекнале и Исланѓаните, наспроти сите нивни херојства и бравури досега. Поради картони ќе ги нема Канте и Рами, со тоа што Дешам веројатно ќе ризикува, па покрај Кошиелни како втор стопер ќе го постави не Мангала, туку Умтити. Досега тој нема ниту минута за националниот тим, но од Лион набрзо се сели во Барселона.

Инаку, Исланд со ништо нема да изненади. Ќе истрча со оние коишто до перфекција го доведоа тактичкиот систем на Ларс Лагербек и на Хајмир Халгримсон, на чело со срцето и душата на тимот, капитенот Гунарсон, со инвентивниот Гилфи Сигурдсон и со симболот на стабилност во одбраната, Рагнар Сигурдсон.

„Најважно е да излеземе со верба дека можеме да ги победиме. Со таков пристап ќе им направиме проблеми“, рече шведскиот селектор на Исланд и веројатно не погреши. Не погреши ниту Дешамп, велејќи дека е и претпазлив, оти четврфиналисти се само добри тимови, но и силно верува, со оглед на јасната цел пласман во полуфиналето.

Ова е најголем натпревар во фудбалската историја на Исланѓаните. Пред Французите е задачата да се потрудат да ги направат нивните противници да се чувствуваат како победници, дури и ако авантурата на ова ЕУРО конечно им заврши.

Последното четвртфинале Франција-Исланд вечер од 21 часот со пренос на МРТ-1.