ЕП Франција 2016 - фудбал

Исландскиот брод и натаму плови на ЕУРО

03.07.2016 17:56

Ниту прескапите нозе на Кристијано Роналдо, ниту колективноста на Унгарците, ниту поафирмираните Австријци, а на крајот ниту Англичаните. Тие барем не беа ни изненадени од исландското фудбалско остварување. Но не можеа! На хартија знаеја, на терен не можеа! Има некаква тајна којашто не е само фудбалска!

Секој што некогаш „играл топка“ или гледал како се игра, без оглед дали станал, важи или не важи за големо фудбалско име, знае каков фудбал игра Исланд! Па зошто тогаш никој не успеа да го запре на ЕУРО 2016? Ниту прескапите нозе на Кристијано Роналдо, ниту колективноста на Унгарците, ниту поафирмираните Австријци, а на крајот ниту Англичаните. Тие барем не беа ни изненадени од исландското фудбалско остварување. Но не можеа! На хартија знаеја, на терен не можеа! Има некаква тајна којашто не е само фудбалска!

Прво, Исланѓаните знаат, без оглед колку и да им го негираат тоа. Второ, имаат стратегија, трето, имаат дисциплина, четврто, имаат тимски дух којшто овозможи за 360 минути игра на француските терени никој да не покаже карактерна слабост, па да игра за себе. Не! Во ниту еден момент! Кога еден ќе добие удар, ги боли сите! Во овој сегмент тие се шампиони! Тие не се тим од збир на поединци туку тим во којшто блескаат поединци! Оваа мала играрија на зборови покажува зошто нивната пазарна вредност е никаква во споредба со вредноста на исландската репрезентација. Но дали се толку фудбалски „боси“, па само големата борба и посветеноста да бидат единствен фактор во успехот? Секако не! Нивната физичка подготовка е извонредна. Четири натпревари почнаа во ист состав, а сепак никој не ги наттрча!

Имаат и фудбалска умешност. Селекторите ги наместија коцките. Главни команданти на теренот се Гилфи Сигурдсон како „софтвер“ и Арон Гунарсон како „хардвер“ на екипата. Англиската фудбалска школа за нив е завршена лекција. Арнасон и Рагнар Сигурдсон се искусни стопери коиишто се надополнуваат одлично и носат сигурност на одбраната со бековите Севарсон и Скуласон и голманот Халдорсон. Затоа примија четири гола досега, во преосек еден на меч! Скуласон е низок, но за него има кој да скока, како што тој трча за да го надополни за поволина чекор побавниот од на стоперите.

Странично поставените Гудмундсон и Бјарнасон имаат повеќе дефанзивни отколку офанзивни задачи. Тие и даваат компактност на екипата којашто е толку дисциплинирана што никогаш не е развлечена и не остава простор меѓу линиите. Така се компензира објективно помалиот индивидуален квалитет на Иланѓаните. Но брзите нозе на Гудмундсон и на Бјарнасон значат можност за брзо префрлување на противничката половина, за центаршут, но и за напад од пасивна страна во шеснаесетникот. Особено Бјарнасон е успешен во овој елемент, а тоа го почувствува Португалија во првото коло.

Напаѓачите се класични „сидраши“. Кога фудбалот влезе во фаза на „лажни деветки“ и на  „двојни десетки“, Исланѓаните имаат едноставни решенија. Сигторсон и Бедварсон се високи, со долг чекор, но со помала почетна брзина. Во контри најчесто не се први, иако се главна врска во нападите на „викиншкиот ред“. Свртени со грбот кон противничкиот гол, на средина на теренот или неколку метри во противничкото поле, клучна е нивната диструбуција по десетици дуели со противничките стопери. Придонесот во овој дел е еднакво значаен како и основната улога на најистурените. Од шесете гола на Исланд, дадоа само два, но без нив тешко ќе одеа или воопшто немаше да ги има акциите кон пртивничкиот гол за четирите гола на обранбените и на фудбалерите за врска.

И сево ова е средено од „генералот“ Ларс Лагербек и од неговиот наследник Хеимир  Халгримсон.  Системот е 4-4-2, со него најдобро се покрива теренот, секој има своја зона од којашто отстапува само во случај на „пожар“, а понекогаш и на голема шанса.

И Исланд успеа! Ги преживеа фудбалските вулкани од различни страни на Европа каде што се играше кога на островот за фудбал малку се знаеше. Од првична цел да се игра за достоинствена презентација, исланската репрезентација стана четвртфиналист. Пред неа е Франција којашто е помоќна во секој параметар. Но Исланѓаните се во период на фудбалска „романса“. Се вљубија во играта со којашто многумина воспоствија рутински однос. Го немаат Ерик Црвениот како пред десет века, но нивниот брод и сега оди напред. И неговото име не е „Титаник“!