Фудбал - Европски првенства

Еден е Мишел Платини или Кристијано Роналдо!

04.07.2016 14:17

По Платини, најмногу пет погодоци беа потребни за голгетерската титула, па на тој начин во историјата влегоа, Холанѓанецот Марко ван Бастен 1988-та, Ширер 96-та, двојката Клајверт и Југословенот Саво Милошевиќ во 2000-та и Чехот Милан Барош четири години подоцна...

Еден е Мишел Платини, големи голгетери ги треселе мрежите на Европските првенства, некои од нив биле и најдобри стрелци, можеби неговиот вкупен рекорд ќе биде достигнат или надминат в среда, но 9-те гола на францускиот маестро на шампионатот во 1984-та година се неверојатен подвиг.

Тогаш на првенствата учествуваа осум репрезентации, за титулата беа потребни пет натпревари и во нив најславната европска десетка реализираше како од шега. Тежината на постигнувањето е и во тоа што Платини не беше класичен напаѓач, туку креатор, играше не само за себе туку и за екипата. Два хет - трика и тоа врзани против Југославија и Белгија во фазата по групи, погодоци во сите пет меча, Платини е еден од петтемина кои со своите репрезентации истовремено биле и европски прваци, а не ја делеле титулата најдобар стрелец.

Со двата гола против Унгарија на актуелниот шампионат, Кристијано Роналдо се доближи на само погодок до девете на Платини, разликата е во тоа што на Португалецот му беа потребни 18 дуели. Тој е фудбалер со најмногу мечеви на Европските првенства, прв што погодувал на четири  шампионати и единствен што може да го собори рекордот на некогашниот Претседател на УЕФА, затоа што следните на вечната листа се веќе пензионери, Англичанецот Алан Ширер со седум и петорката со по шест гола, Швеѓанецот Златан Ибрахимовиќ, Французинот Тјери Анри, Португалецот Нуно Гомеш и Холанѓаните Патрик Клајверт и Руд ван Нистелрој.

По Платини, најмногу пет погодоци беа потребни за голгетерската титула, па на тој начин во историјата влегоа, Холанѓанецот Марко ван Бастен 1988-та, Ширер 96-та, двојката Клајверт и Југословенот Саво Милошевиќ во 2000-та и Чехот Милан Барош четири години подоцна.

Форматот на првите пет Европски првенства или тогаш познатиот Куп на нации со само четири натпревари во завршницата, овозможуваше до признанието прв стрелец да се дојде и со само два гола како што беше случајот со пет фудбалери во 1960-та, тројца во 64-та и Југословенот Драган Џајиќ во 68-та.

Германците Герд и Дитер Милер се првите што се издвоија како вистински голгетери бидејќи на шампионатите во 1972-та и 76-та постигнаа по четири погодоци, но на по два меча. И на следното првенство, прво со фаза по групи, најефикаен беше фудбалер на панцерите, Клаус Алофс, но со три гола на четири средби.

Последен кој беше осамен на врвот е Шпанецот Давид Вилја со четири погодоци на шест натпревариво 200-ма, додека на преостанатите два од четиринаесет континентални шампионати, трофејот го делеа стрелци од различни репрезентации и тоа се по три гола, 1992-та четворица и 2012-та година, шестмина.

Откако по 648 минути го постигна својот прв погодок на Стад де Франс, Французинот Антоан Грзизман е лидер на 15-то Европско првенство со четири гола, по три имаат уште двајца триколори, Оливие Жиру и Димитри Паје, потоа Велшанецот Герет Бејл, како и Алваро Мората чијашто Шпанија веќе е елиминирана.

14 фудбалери имаат по два гола, тројца се во игра, меѓу нив не е Германцот Марио Гомез затоа што е повреден. Велшанецот Хал Робсон - Кану, како и Португалците Нани и Кристијано Роналдо се во полуфинална позиција да го подобрат голгетерскиот ефект, но може ли ЦР7 да биде рамен или подобар од големиот Платини!?