Фудбал – ЕУРО 2016

Голгетерски блесоци, голмански амбиси

05.07.2016 17:45

Кои моменти, потези, играчи оставија без здив на тековното Европско првенство во Франција?

Историјата на фудбалот е испишана со многу ремек дела. Сегашноста нуди индустриска игра, резултатот е се, убавината не значи ако не ја овозможи крајната цел. Во фудбалот има се помалку фатазија, а има се повеќе стратегија. Но, дури и во такви услови, секогаш има бравури на зелениот правоаголник. Фудбалерите немаат текст, но некогаш оставаат без текст.

Кои моменти, потези, играчи оставија без здив на тековното Европско првенство во Франција?

1)      Џердан Шаќири е прв на листата. Неговите „ножички“ против Полска во осминафиналето се најатрактивниот гол на шампионатот досега. Во 82-та минута кога брзо истекуваше времето за Швајцарија, телото ја издржа умствената проекција на фудбалерот на Стоук. Имаше и фантазија и рефлекс. Но Швајцарија го загуби натпреварот и замина дома. „Ножичките“ останаа!

2)      Хал Робсон Кану го оствари највредниот дриблинг. Каде ли само заминаа тројца белгиски фудбалери по неговата „пета“? Во одбраната на Белгија ги немаше Фермален и Фертонген, но којзнае дали и тие ќе го запреа движењето на фудбалерот на Рединг. Неговиот четврти гол му донесе водство на Велс со 2-1 во четвртфиналето. Тежок момент, вистинска реакција! Од голгетерски аспект Робсон Кану го даде најубавиот гол. Прием, дриблинг, шут... „Велшкиот змеј“ ја изгоре Белгија.

3)      Еден гол може да биде случаен. Два со исти карактеристики на едно европско првенство, не се! Најсилниот арсенал на Раџа Наинголан е топот од десната нога. Економите на „Пјер Моро“ стадионот се уште ја крпат мрежата по неговиот гол за Белгија против Велс. Претходно во Ница „торпедото“ ја погоди Шведска. Шест гола на 24 средби за Белгија?! Нема што, тоа е одличен ефект! Двострелот на Наинголан е за голгетерска бронза на ЕУРО 2016!

4)       И пак за „композицијата на фудбалската уметност“ . Владимир Вајс ја најави победата над Русија и ја поведе Словачка кон осминафиналето. Каде ли се двајцата руски дефанзивци? Можеби се уште чекаат метро на погрешна постојка!? Петтиот гол на Вајс во словачкиот дрес е за „голема петка“! Спринт, стоп, дриблинг, фелш во спротивниот агол. Аплаудираше и „зборнаја“

Тоа се ремек делата на напаѓачите по коишто страдаа голманите. На вакви потези ракавиците не можеа да парираат. Но во два случаја можеа, ама се заплеткаа!

1)      Најгоре на неславната листа е Џо Харт. Во осминафиналето со Исланд, му се лизна топката по не така силниот удар на Колбејн Сигторсон. Чуварот на мрежата на Англија не го заслужи епитетот. Без оглед на височината од 196 сантиметри и топката којашто одеше по земја, голман којшто вреди 17 милиони евра требаше да го запре противничкото водство од 2-1. Наредниот пат Харт треба да си одржи мотивациски говор сам на себе, а не на соиграчите.

2)      Тука некаде, на делба на првото место на неславните голмански интервенции е и Давид де Хеа. Олеснителна околност за него е што шутот на Бонучи беше посилен и понепријатен од тој на Сигторсон, но од 40 милиони евра вредниот Де Хеа се очекува да ја отстрани опасноста и кога е соочен со такви искушенија. Реал нескриено сака да го купи и сигурно дека нема да се откаже поради оваа лоша интервенција. Шпанија претрпе елиминација, а Де Хеа не успеа да ја спаси во осминафиналето против Италија кога дојде време за негова стража.

На ред се последните три натпревари на ЕУРО. Велс-Португалија и Франција-Германија, а потоа и финалето. Листата секогаш може да се менува.