ЕУРО полуфинале Потугалија-Велс

Роналдо – Бејл, чија ѕвезда посилно сјае?

06.07.2016 11:38

Дополнителна мотивација од самиот настан не е потребна, но ја има! Доколку Германија ја совлада Франција во утрешното полуфинале, победникот од натпреварот меѓу Португалија и Велс ќе обезбеди учество на Купот на Конфедерации во Русија наредното лето...

ЕУРО 2016 го отвора полифиналното поглавје. Денеска има само две улоги, Португалија и Велс. На празното сценарио буквите ќе ги пишуваат репрезентации коишто се на две различни страни на медалите. Историјата е за Португалците кои седмипат ќе играат полуфинале на голем собри, петтипат на европско првенство. И Велшаните имаат долго фудбалско минато, но тие се потпираат на сегашноста. Како дебитанти на континенталните самити стигтаа до завршниот квартет, а во Франција забележаа четири победи на пет натпревари. Спротивност од „селесао“ којшто нема победа во 90 минути на првенството! Но колку и да има парадокс во овој податок, а има и е точен, сепак селекцијата на Фернандо Сантош добива уште една шанса на португалскиот фудбал да и го донесе тоа што не успеа генерацијата на Еузебио. Кристијано Роналдо сега е условот без кој не се може!

На другиот крај на теренот е Герет Бејл. Неговата инспирација и лидерство го ставија Велс во позиција да се чувствува како на свое дури и кога е во непознати води. „Браќата“ од Реал сега се на контра страни на фудбалското поле. „Нивната битка нема да го реши победникот“ , категоричен е селекторот Сантош. „Ќе играме со силна екипа. Тие не ме изненадија воопшто. Минаа извонредни квалификации, организирани се, нивиот тренер точно знае кој што треба да прави на теренот“, Сантош беше полн со пофалби за велшкиот состав. Во него денеска нема да бидат суспендираните Ремзи и Дејвис. „Значат многу за нас, но имам целосна доверба во фудбалерите коишто ќе истрчаат на теренот на нивните места“, Крис Колман не дозволи ниту една гримаса на лицето да покаже вознемиреност во врска со несомнениот персонален хендикеп со којшто се соочува. Поради два жолти картона, кај Португалија ќе го нема Вилијам Карваљо, но тежината на проблемот за Велшаните е поголема. „Она што ме импресионирше најмногу е фактот дека кога се вративме во кампот по триумфот над Белгија во четвртфиналто, сите веднаш почнаа да се подготвуваат за наредниот натпревар“, селекторот Колман потсети дека неискуството од настапи на ова ниво неговата репрезентација го надополнува со максимална посветеност. „Змејовите“ постигнаа 10 гола од 59 удари што е највисок процент од сите полуфиналисти. До првото полуфинале во историјата имаа 47 проценти контрола на топката, посебно импресионираа со менталната стабилност по првите 15-тина минути од  пресметката со Белгија, Иако примија гол не ги загубија главите, се стабилизираа и се вратија во мечот што е карактеристика на големите.

Можби во тој круг на „големите“ спаѓа Португалија?! Единствената победа на тековното ЕУРО остварена со гол во продолжувањето, не зборува позитивно во таа насока. Но Португалците ја искористија ерата на Кристијано Роналдо за да играат четврто полуфинале на последните пет турнири. Само во 2008-ма не ја минаа четвртфиналната фаза. Тоа зборува за влијанието на Кристијано во националниот тим со којшто можеби има последна шанса да направи нешто големо. На листата неброени рекорди ќе додаде уште еден. Ќе биде единствениот во историјата со три настапи во полуфинале на европски шампионат. Може да стане само третиот којшто дал гол во две континентални полуфиналиња!

Но како што вели Бејл, ова нема да биде натпревар на двајца фудбалери, туку полуфинале на две нации! Едвардс тренираше одвоено од велшката селекција, а Пепе го пропушти тренингот на португалската поради повреда на бутот. Но освен суспензиите, селекторите ќе немаат други причини за корекции во составите.

Дополнителна мотивација од самиот настан не е потребна, но ја има! Доколку Германија ја совлада Франција во утрешното полуфинале, победникот од натпреварот меѓу Португалија и Велс ќе обезбеди учество на Купот на Конфедерации во Русија наредното лето. Германците се веќе пласирани како светски прваци, па доколку играат во финалето на ЕУРО, автоматски и другиот финалист ќе извади руска виза.

Сепак, во Лион денеска, пред се, ќе се игра за вечна слава! Преносот од дуелот меѓу Португалија и Велс е на Прва од 21 часот во рамки на емисијата „Еурофорија“.