Фудбал - ЕП Франција 2016

И кога не блеска, Кристијано Роналдо е Португалија

06.07.2016 15:41

Анализите покажуваат дека по напорната сезона во којашто со кралскиот клуб ја освои Лигата на шампионите и на 48 натпревари реализираше 51 гол и 13 асистенции, нормално е што Роналдо е истрошен, но дека првпат го стави настрана своето познато его, комплетно се подреди на тимот и се посвети на успехот на репрезентацијата...

Може ли да се замисли оваа португалска репрезентација без Кристијано Роналдо?! И кога не  е во идеална форма, а на 15-то Европско првенство не е ни приближно до изданијата во дресот на Реал, Кристијано е играчот од којшто Португалија зависи, не само фудбалски.  Статистички малиот ефект на теренот, според стандардите коишто сам ги наметна, Роналдо го надополнува со лидерството, харизмата и авторитет коишто ги има кај соиграчите. Португалскиот селектор Сантош знае дека не е на највисоко ниво, но кога вели дека Роналдо и сега е најдобар, не мисли на головите, шутевите, дриблинзите, туку на неговото влијание на другите фудбалери од репрезентацијата, како и врз противникот. Додека одбраните се насочени кон него, секогаш ќе има простор да се издвојат Нани и Кварезма. Во четвртфиналната победа против Полска, Роналдо учествуваше со два пенала, оној што сам го постигна, но и преку оној на Мутињо. Не само што гу убеди да шутира, туку му влеа и самодоверба дека ќе погоди. Тоа е новиот квалитет на Кристијано од којшто Португалија, има голема корист, па можеби затоа со раритетни пет нерешени стигна до петтото полуфинале на континенталните шампионати.

Анализите покажуваат дека по напорната сезона во којашто со кралскиот клуб ја освои Лигата на шампионите и на 48 натпревари реализираше 51 гол и 13 асистенции, нормално е што Роналдо е истрошен, но дека првпат го стави настрана своето познато его, комплетно се подреди на тимот и се посвети на успехот на репрезентацијата. „Остварувањето на нашиот сон е се пореално, никогаш не сум криел дека сакам да освојам трофеј со Поргугалија Овојпат сме подготвени да испишеме историја“, изјави пред полуфиналето со Велс, 31-годишниот Роналдо очигледно свесен дека можеби ова му е последна шанса за репрезентативен пехар.

Кристијано Роналдо ќе биде првиот фудбалер со три полуфинални настапи и ако се запише во листата на стрелците ќе го израмни постигнувањето на некогашните советски фудбалери, Понеделник и Иванов кои имаат по два гола во пресметките меѓу големата четворка. Во 2004-та Роналдо постигна погодок во триумфот против Холандија од 2:1.

Само два гола од најмногу на турнирот 36 шута, се уште без погодок од 41 слободен удар на големите натпреварувања, промашен пенал против Австрија, но и покрај овие скромни бројки, Кристијано соборува рекорди и во Франција. Тој е фудбалерот со најмногу мечеви на Европските првенства, 19 и најдобар голгетер вклучувајќи ги и квалификациите, вкупно 28 погодоци. Оддамна е прв португалски стрелец со 60 гола, но на ова ЕУРО го надмина Фиго и сега е и со најмногу репрезентативни настапи, собра респектабилни 130. Ако на пример го повтори дуелот со Унгарија кога ги постигна своите два гола, Роналдо ќе биде најуспешен во една од најважните индивидуални конкуренција и ќе стане прв голгетер на првенствата. Сега има осум погодоци или само еден помалку од легендарниот Платини.

„Роналдо е отсекогаш сакал да победува, на тренинизите работеше до крајните граници на издржливоста, луѓето имаат погрешен впечаток за него, тој се грижи за екипата, а не само за себе и е роден победник“, на прецизен начин големиот Фергусон го опиша португалскиот капитен. „Роналдо го сака огледалото, но е одличен човек и уште поневеројатен фудбалер“, има ли подобар комплимент кога тој доаѓа од лутиот ривал од Барселона, Пике.

Во фудбалот еден играч не значи тим, но Поругалија без и со Кристијано Роналдо не е иста. 130 пати проверено и потврдено.

Од Франција за Македонската телевизија, Горан Стерјов