Фудбал, ЕП 2016, полуфинале

Герет Бејл и Крис Колмен, велшката комбинација за успех

06.07.2016 15:43

Герет Бејл е скапоцениот камен на којшто Велс го заснова вчудоневидувачкиот подем ова лето во Франција. Експлозија на тимскиот дух врз основа на маестралниот концепт на селекторот Крис Колмен, којшто најде формула како беспрекорно да го вклопи оној којшто за класи отскокнува од групата, а тој да биде дел од неа. Да биде прв меѓу еднаквите...

Најскап играч на светот, а се уште без признание како доказ за тоа. Ја има несреќата да твори на фудбалскиот терен во ерата на Лионел Меси и на Кристијано Роналдо, коишто цела деценија се во мртва трка за бројни рекорди, за се, па и за Златната топка на ФИФА. Нему тоа не му е важно. Ни тешките мигови со повреди не го спречија во трите сезони во Реал Мадрид да се етаблира како ѕвезда рамо до рамо со глобално најпопуларните. Но, инспиративноста со којашто му вдахнува живот на неговиот Велс, е немерлива. Ниту со пари, ниту со слава.

Герет Бејл, тивката икона на островската репрезентација беше светецот на Велшаните во најуспешниот квалификациски циклус. Не само со ефикасноста и со фудбалската продуктивност. Повеќе поради храброста да го преземе и поради вештината да се носи со товарот на одговорноста од позиција на фронтмен на тимот со реално ограничени можности. Целосно им се предаде на соиграчите, тие го извлекоа најквалитетното и највредното од него, па сите заедно на овој европски шампионат уживаат во најромантичните моменти од кариерите. Крајот на бајката се уште не им се насетува.

Герет Бејл е скапоцениот камен на којшто Велс го заснова вчудоневидувачкиот подем ова лето во Франција. Експлозија на тимскиот дух врз основа на маестралниот концепт на селекторот Крис Колмен, којшто најде формула како беспрекорно да го вклопи оној којшто за класи отскокнува од групата, а тој да биде дел од неа. Да биде прв меѓу еднаквите.

Тримилионскиот велс, во којшто рагбито е религија, а фудбалот прилично далеку зад него, е најмалата земја којашто стигнала до полуфинале на ЕП. Сега дури и бранител на честа на британскиот фудбал, неполни пет години откако во летото потона до 117.место на ФИФА листата, најслабо воопшто во историјата.

Гери Спид тогаш го покрена бродот по вистински курс, но си го одзеде животот, оставајќи му го наследство на добриот пријател Крис Колмен, којшто дотогаш беше тренер на грчка Лариса. При поразот од 6-1 од Србија во 2012 за малку не поднесе оставка. И го направи вистинското. Токму по тој дебакл нештата појдоа во посакувана насока. Квалификациите за Мундијалот 2014 беа најава, а циклусот пред ова ЕП потврда дека Велс конечно го има она што го немаше речиси шест децении. Генерации луѓе не дочекаа фудбалска авантура како годинашнава во Франција. За сите нив недостижен сон беше и самиот пласман на големо натпреварување. Зарем некој помислил дека ќе доживее среќа како оваа.

58 години цел на Велс беше да ги победи квалификациите. Не успеа ниту еднаш. На ЕУРО 2016 конечно ги надмина сеништата од минатото. Лајтмотив е филозофијата на селекторот Колмен: „Ако работите доволно напорно и ако не се плашите да сонувате, нема да се плашите ниту од неуспех“.

Од оваа животна вистина произлегува магијата со којашто Велшаните ја искорисистија необременетоста со очекувања и го надминаа менталитетот на аутсајдери. Или подобро, го свртеа во нивна полза. Покажаа што им се случува на храбрите сонувачи. И притоа, ист е сонот и на Бејл и на Хенеси, и на Робсон-Кану и на Гантер, и на Рамзи и на Честер. Ако доследно ја спроведуваат мантрата на Колмен, којзнае, се уште се е пред нив, високо горе на хоризонтот !? Зарем Грција пред 12 или Данска пред 24 години не ја оставија Европа без зборови, изникнувајќи токму од пониските ешалони.

„Не плашете се да имате соништа“. Тоа е топлата порака преку волшебните зборови на Колмен, којашто предизвика револуција во велшкиот фудбал. И токму затоа, на островот веќе напишаа - што и да се случи против Португалија, дури и во евентуалното финале со Германија или со Франција, тоа е вистинската победа на земјата на змејот во оваа 2016.