По полуфиналниот триумф против Германија на ЕУРО 2016

Франција во екстаза, титулата на дофат

08.07.2016 16:14

Играчите доследно ја сфатија пораката од селекторот Дидие Дешам. Испишаа голем дел од празната страница на новото поглавје од француската фудбалска историја. Страшен мотив им беа неговите зборови, пред уште повеќе инспирација во нив да разбуди светскиот првак...

„ЕКСТАЗА“ – испиша „Л’ Екип“ преку целата насловна страница и со еден збор го долови она што не можеа ни илјада фотографии. А обично е, нели, обратно. Спортскиот дневник најефектно ја наслика еуфоријата во Франција по триумфот над Германија. Нацијата падна во транс, и тоа по полуфиналето. Како ли само ќе биде в недела вечер, ако „триколорите“ ја победат и Португалија во завршниот чин на фудбалскиот фестивал. Низ државата оживеаја спомените на 1984 и на 1998, само 90 минути има до реприза и на 2000.

Играчите доследно ја сфатија пораката од селекторот Дидие Дешам. Испишаа голем дел од празната страница на новото поглавје од француската фудбалска историја. Страшен мотив им беа неговите зборови, пред уште повеќе инспирација во нив да разбуди светскиот првак. Расчистија со болното минато и конечно се одмаздија за трите мундијалски порази од Германија. Европа е на чекор да биде под француска фудбалска окупација ова лето. И притоа, малку кој ќе има нешто против.

„Немаме моќ да ги решиме проблемите на луѓето, но можеме да им предизвикаме чувства со коишто заборават на грижите. Создаваме пасија, создаваме страст“- рече Дешам по пласманот во финалето, подвлекувајќи дека и самото исфрлање на Германија е историски дострел. “Сепак, тоа не ни дава дополнителна сила. Најважно е што веруваме во себе“.

Неговиот фудбалски ѕвер со злато на врвот на копачките, Антоан Гризман, вели дека можат да почнат да сонуваат за 10 јули, но бара да останат на земја. „Пред нас е уште еден меч. Обврска ми е да не дозволам трофејот да ја напушти Франција. Должност ни е да победуваме за публиката. Се надевам ќе завршиме на врвот“, изјави најголемата ѕвезда на турнирот.

Светскиот првак е веќе дома. Германија не успеа да ги обедини титулите. Полуфиналето повторно беше фатално за неа, четвртипат на последните шест големи турнири. Јоаким Лев го призна поразот. „Ако победите со 2-0 го заслужувате финалето, иако ние бевме подобар тим“, рече стратегот на „Маншафтот“. „Вложивме се, се обидовме се, имавме шанси. Ова беше одличен турнир за нас како врвна екипа со одлична енергија“ дополни Лев и на заминување предвиде среќен крај за домаќинот: „Португалија не ме увери, Франција ќе победи“.

Германците големи во победите, големи и во поразите. Нивниот марш по малку и сурово заврши во Марсеј. Последните созвучја на француската фудбалска шансона ќе бидат в недела во Сен Дени. Париз живее за тоа. Цела Франција трепери од возбуда, нетрпеливо очекувајќи ја кулминацијата на новото уметничко дело.