Фудбал – ЕУРО 2016

Во Франција и децибелите се мерат

08.07.2016 16:17

Навивачката колонија се намалува. Останаа домаќинот Франција и Португалија. Финале со „триколорите“ беше посакувана опција токму поради вистинскиот впечаток. На искуство и на постојана фудбалска глад, без сомневање, амбиентот ќе го направеа и Германците, но и Велшаните како исклучително позитивен пример на британското навивање и доживување на фудбалот...

Головите, одбраните, дриблинзите, стартовите, дуелите на играчите и стратегијата на тренерите се суштина на фудбалската игра. Овие параметри ги позиционираат натпреварите на историската скала и им го даваат епитетот класика. Но во колективната фудбалска меморија остануваат и навивачите. Нивниот декор, победнички екот или губитнички молк од трибините му дава натфудбалска димензија и на ЕУРО 2016.

Навивачката колонија се намалува. Останаа домаќинот Франција и Португалија. Финале со „триколорите“ беше посакувана опција токму поради вистинскиот впечаток. На искуство и на постојана фудбалска глад, без сомневање, амбиентот ќе го направеа и Германците, но и Велшаните како исклучително позитивен пример на британското навивање и доживување на фудбалот. Но резултатите диктираат, па „црвениот ѕид“ падна уште пред два дена, а вчера го слушнавме последниот аплауз на Германците пред маршот во „рикверц“. Нивното повлекување донесе две бучни ноќи. Најпрво во карвани со автомобили, развеани знамиња и победнички песни славеа Португалците. Тие овде се како домаќини затоа што ја сочинуваат најголемата имигрантска група во Франција во споредба со која било друга европска нација. Има над милион и двесте илјади, како што ги нарекуваат „луѓе од бараките“, пред се поради тоа што нивните први доселеници главно се занимавале со градежништво. Токму затоа Кристијано Роналдо и дружината имаа постојана поддршка. Португалската навивачка група не се менуваше на дневна основа во зависност од тоа дали играше нивната репрезентација или не. Тренинзите на Фернандо Сантош се посетени, околу кампот на португалските фудбалери постојано има симпатизери, па националниот состав никогаш не е сам! Прославата на пласманот во финалето, на пример, се одививаше идентично како по триуфот на Франција над Германија. 

Сепак, независно од сево ова, в недела на „Стад Д Франс“, повторно ќе доминира сината боја, а „марсељезата“ ќе грми многу подалеку од стадионот. Цената на билетите ќе биде од 80 до 900 евра, но на „црниот“ пазар ќе оди многу повеќе.

Ќе се слушнат ли „луѓето од бараките“ на финалето нема да зависи само од односот на силите на навивачките армии, туку и на ефектот на фудбалерите на теренот. Франција е фаворит, но Португалија веќе се потврди како „расипувач на забави“.