Виртуозниот виолинист Иља Гринголц во Скопје

Моцарт наспроти Прокофјев

29.01.2014 17:15

На 30 јануари 2014 година, со почеток во 20:00 часот, во Салонот на МОБ, Македонската филхармонија ќе се претстави со концертот насловен Моцарт наспроти Прокофјев...

На 30 јануари 2014 година, со почеток во 20:00 часот, во Салонот на МОБ, Македонската филхармонија ќе се претстави со концертот насловен „Моцарт наспроти Прокофјев“, на кој своите композиторски сили ќе ги одмерат овие двајца музички титани.

Оркестарот ќе настапи под диригентската палка на македонскиот диригент Борјан Цанев, а како солист ќе се претстави виртуозниот руски виолинист Иља Гринголц. Гринголц е еден од најактивните виолинисти на денешеницата. Победник на престижниот натпревар за виолинисти „Паганини“,освен првата награда, се закитува и со наградата за најмлад финалист во историјата на натпреварот, како и со наградата за најдобра изведба на дело од Николо Паганини. Гринголц е дипломец на престижнат школа „Џулијард“ во Њујорк, каде учи со легендарниот виолинист Исак Перлман. Иља, кој е еден од најнаградуваните виолинисти во светот,  ќе го исполни Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Сергеј Прокофјев - еден од бисерите на модерниот виолинизам во кој маестралната солистичка делница е полна со технички и виртуозни предизвици. Виолинистот Гринголц е добро познат на македонската публика по неговата бравурозна македонска премиера на Концертот за виолина и оркестар од Семјуел Барбер во 2008 година.

Под диригентската палка на Борјан Цанев оркестарот ќе ја изведе мајсторски компонираната увертира „Директор на театар“ од В. А. Моцарт, како и неговата Симфонија бр. 38, попозната како „Прашка“.

Биографии:

Иља Гринголц учел виолина и композиција на Санктпетербуршката специјална музичка школа со Татјана Либерова и Џина Металиди и на престижната музичка школа „Џулијард“ во Њујорк со Исак Перлман и Дороти Дилеј. Победник е на меѓународниот натпревар за виолина во 1998 година, „Премио Паганини“, каде што му се доделени две специјални награди: за најмлад натпреварувач што се пласирал во финалето на натпреварот дотогаш и за најдобар интерпретатор на Каприсите на Паганини, по што од страна на „Би-Би-Си“ е избран за еден од дванаесетте уметници за нивниот проект „Уметници од новата генерација“. Гринголц настапува со бројни оркестри ширум светот, меѓу кои камерниот оркестар „Малер“ под диригентство на Клаудио Абадо, турнеја низ Германија и Шпанија со НДР Хановер со Василиј Петренко, настапи со оркестарот „Хале“, Симфонискиот оркестар на градот Борнмут, Германскиот симфониски оркестар од Берлин, Шкотската симфонија на „Би-Би-Си“, Филхармонијата во Стразбур, Шкотскиот камерен оркестар, со филхармониските оркестри во Белград, Загреб, Анкара, во Истанбул и др. Гринголц настапува на турнеи низ Азија и Австралија, а во 2009 година настапува со Симфонискиот оркестар на Мелбурн како и на турнеја во Кина со Лахти симфонискиот оркестар од Финска. Како рецитален уметник, Иља Гринголц го изведува комплетниот циклус на Бетовеновите сонати на Фестивалот во Вербие во јуни 2008 година и ја изведува светската премиера на  виолинската соната од сер Питер Максвел Дејвис на фестивалите „Св. Магнус“ и Челтнам. Настапува  на  фестивалите „Пролет на уметностите“ во Монте Карло, фестивалот „Бетовен“ во Бон, Дворжаковиот интернационален музички фестивал во Прага, Миланскиот фестивал „Серате“, фестивалот „Енеску“ во Букурешт и др. За свои партнери за камерна музика, Иља Гринголц ги има Јури Башмет, Лин Харел, Владимир Менделсон, Итамар Голан и многу други. Како ексклузивец на продукциската куќа „Дојче грамофон“, во 2007 година го снима Бетовеновиот Трипли концерт со младинскиот оркестар „Симон Боливар“ од Венецуела под диригентската палка на Абадо, а за своето цеде со камерна музика на Танејев е награден од престижното музичко списание „Грамофон“. Неговата дискографија вклучува три цедеа за „Дојче грамофон“, а од неодамна соработува и со издавачката куќа „Хајперион“, за која ги снима виолинските концерти на Танејев и Аренски со Шкотскиот оркестар на „Би-Би-Си“. Во 2010 година, заедно со пијанистот Петр Лаул ги снима сонатите за виолина и пијано од Роберт Шуман, издание што е високо оценето од критиката. Покрај активната концертна кариера, Гринголц е професор по виолина на Школата за музика во Базел, а дејствува и како гостин-професор на Шкотската кралска академија за музика и драма.

Борјан Цанев дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија, Р.Бугарија. Од 1999 година е редовен диригент на Македонската филхармонија, а во 2001 година специјализира на Кралскиот музички колеџ во Лондон, В.Британија. Посетува мајсторски курсeви и пракса кај диригентите Сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а  подоцна му асистира на Сер Колин Дејвис во Моцартовата опера "ДонЏовани" во продукција на Кралската оперска школа. Добитник е на наградата "Аугуст Ман" за најдобар диригент на Кралскиот музички колеџ, а настапува и со Лондонскиот симфониски оркестар во рамките на мајсторскиот курс на Сер Колин Дејвис. Од 1999 година до денес, Цанев остварува бројни концерти со камерниот оркестар на Македонската филхармонија во Македонија и странство (Рим,Париз, Истанбул, Прага, турнеја во Полска и др.). Во меѓувреме делува и како главен диригент на камерниот оркестар "Скопски солисти". Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи низа концерти со најреномираниот бугарски симфониски оркестар, а од2006 година е назначен за редовен гостин–диригент на овој оркестар. Диригира и со ансамблот на Македонската опера и балет каде ја поставува премиерата на Моцартовата опера "Волшебната флејта". Покрај овие ансамбли, Цанев настапува и со други симфониски и камерни оркестри меѓу кои: "Симфониета"-Софија, "Синфониета" при Кралскиот музички колеџ - Лондон, ансамблот за современа музика "Алеа", Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерено ркестар, Црногорскиот симфониски оркестар и др. Учествувал на голем  број реномирани фестивали во земјава и странство, соработувајќи со реномирани  солисти како Дејвид Герет, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Иља Гринголтс, Криштоф Барати, Алексеј Огринчук, Раби Абу Калил, Моника Лесковар, Гзавие Филипс, Кристиан Фрон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Серџо Тиемпо, Благој Нацоски, Ана Дурловски и др.

Борјан Цанев има остварено гостувања во Англија, Италија, Франција, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција,Чешка, Полска, а воедно има направено и трајни снимки за Македонската радио телевизија, Бугарското национално радио и "F.A.M.E'S - Macedonia".

Борјан Цанев е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во 2010 Сојузот на композиторите на Македонија му ја доделува наградата “Георги Божиков“ за најдобра изведба на дела од македонски автори за 2009 година.