Злоупотреба на фудбалските резултати

Нама извинување, нема амнестија, ниту амнезија!

29.07.2016 18:13

Како што би рекле адвокатите во стандардно холивудско сценарио, фактите на случајот се следни: Шкендија игра во УЕФА Европа лигата, клупското раководство смета дека треба да ги отстапи телевизиските права на албанската компанија „Суперспорт“, таа прави пренос од вчерашниот натпревар со Млада Болеслав во Скопје, а нејзиниот коментатор ја нарекува арената „Филип втори“ – „Адем Јашари“!!!

Македонска екипа ретко доаѓа до бараж во европските фудбалски купови. Шкендија е на добар пат да биде на чекор до групната фаза во УЕФА Европа лигата затоа што обезбеди голема предност од 2-0 против Млада Болеслав пред реваншот во Чешка. Но како што е и во други сфери кај нас, спортскиот успех се користи во поинакви, не само во неспортски, туку и во нецивилизациски цели.

Како што би рекле адвокатите во стандардно холивудско сценарио, фактите на случајот се следни: Шкендија игра во УЕФА Европа лигата, клупското раководство смета дека треба да ги отстапи телевизиските права на албанската компанија „Суперспорт“, таа прави пренос од вчерашниот натпревар со Млада Болеслав во Скопје, а нејзиниот коментатор ја нарекува арената „Филип втори“ – „Адем Јашари“!!! Некои велат тоа е провокација, иако јасно е дека тоа е подлабок показател на испреплетени националистичко-политички цели коишто имаат историски предзнак.

Шкендија не е најдиректно виновна за изречениот коментаторски збор. Но сепак, тетовскиот клуб го организираше натпреварот и одбра да соработува со споменатата компанија. Затоа за оваа одговорност нема и не смее да има амнестија. Нема да има ниту амнезија!!! Шкендија требаше да биде експресна и да се огради од испадот. А не собра сили, без оглед што реномето и парите од меѓународната сцена ги создава како победник на фудбалскиот куп на Македонија и со лиценца издадена од Фудбалската федерација на Македонија. Тоа е низок удар, дури и ако доаѓа од под Шара. Излегува од рамката на спортскиот морал, ги прекршува цивилизациските вредности, создава чувство на одбивност. Дури и да постоела, згаснува искрата надеж дека Дестани е човекот којшто може да донесе обединувачки тонови во македонскиот фудбал. Во резултатската еуфорија, и дадениот збор гори исто како лесно запаливите ниски националистички страсти.