Летни олимписки игри Рио 2016

Ново руво за Рио де Жанеиро

29.07.2016 18:15

Програмата на Македонската телевизија ќе почне в четврток со два фудбалски преноса. Олимпискиот оган е веќе во Рио, а претседателот на Интернационалниот Олимписки Комитет, Томас Бах, се смести во олимпиското село и му даде поддршка на домаќинот, којшто трпи критики за условите на некои олимписки борилишта.

Броиме осум дена до свеченото отворање на Олимпијадата. Програмата на Македонската телевизија ќе почне в четврток со два фудбалски преноса. Олимпискиот оган е веќе во Рио, а претседателот на Интернационалниот Олимписки Комитет, Томас Бах, се смести во олимпиското село и му даде поддршка на домаќинот, којшто трпи критики за условите на некои олимписки борилишта.

Големите спортски настани носат значителен финансиски товар за организаторот, но отвораат шанса за инфраструктурен напредок. Рио де Жанеиро важеше за опасен град, дури и кога се работи за централното подрачје, но сега има сосема поинакво руво како резултат на урбаниот развој и подобрувањето на превозот за што Бразил инвестираше десетици милиони долари. Без оглед што постојат и сомнежи за тоа како се потрошени парите, граѓаните на Рио се сведоци на долгоочекуваната преродба. На пример, градските татковци ја чекаа Олимпијадата за да воведат метро линија којашто поминува низ строгиот центар. Пешачките патеки и новите автобуски линии се подарок за граѓаните на Рио како резултат на подготовката за Олимпијадата. Напуштените места сега се пешачки зони до коишто постои јавен транспорт, а на  плоштадите има музеи и продавници. Но ваквата разубавена слика на Рио предизвикува различни ставови. За некои тоа ќе биде наследство за граѓаните, а за другите тоа е трошок којшто ќе предизвика финансиски обврски за наредните генерации. Приказната секогаш има два краја.