„Сеир“- нов албум на Влатко Стефановски

30.01.2014 13:59

По десет годишна пауза, најпознатиот македонски гитарист...

По десетгодишна пауза, најпознатиот македонски гитарист, Влатко Стефановски, одлучи со публиката да го сподели своето ново „чедо“.

Наречен едноставно „Сеир“, Стефановски е комплетен автор на музиката и на текстовите на десетте композиции на албумот.

„Албумот го подготвував долго време, композициите ги прибирав десет години, а процесот на снимање траеше четири години. Горд сум на тоа што звукот на албумот го снимав сам, не ме мрзеше да потрошам време на снимањето на звукот на секој инструмент. Задоволство е да се влезе во територија во која не си стручен. Помалку луѓе во студио, помалку проблеми.Текстовите ги пишував долго време.Ги избирав внимателно избирајќи ја тежината на зборовите во стиховите, строфите и песните“ рече Стефановски.

Во врска со името на албумот „Сеир“, Стефановски рече дека сеирот е балканска зен-дисциплина, односно на луѓето им е полесно да ги советуваат другите и да решаваат туѓи проблеми отколку самите да си ја сработат својата работа.

На албумот како гости се јавуваат Раде Шербеџија, Каролина Гочева, Дамир Имери,Васил Хаџиманов, Марко, Рамљак, Зоран Маџиров, Васко Атанасовски, Кирил Кузманов, Трајче Велков и Мите Димевски.