Давитковски: Мислам дека сме многу блиску до решение

21.08.2013 14:58

Се уште сум оптимист и мислам дека сме многу близу да најдеме заедничко решение и евентуално в петок сите заеднички да го потпишеме извештајот

Се уште сум оптимист и мислам дека сме многу близу да најдеме заедничко решение и евентуално в петок сите заеднички да го потпишеме извештајот, изјави претседателот во оставка на ад хок Комисијата за расчистување на настаните од 24-ти декември Борче Давитковски по денешните одвоени средби со членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
 
Тој информира дека утре продолжува работата на Комисијата во целосен состав, на која ќе бидат изнесени размислувања и од денешната средба и ако се усогласат, како што рече, работата ќе биде завршена со цел до петок да се дојде до решение.
 
Најавено е утре средбата да почне во 10 или во 10 часот и 30 минути.
 
На одделните средби со претставниците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на опозициската СДСМ присуствуваше и странскиот експерт Петер Ванхаусен.
 
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се договорија во периодот што следува да се вложат последни напори за откочување на процесот, негово интензивирање и донесување конечно решение околу извештајот на Комисијата, како последен обид за постигнување договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија.
 
Пред речиси еден месец оставка на функцијата претседател на Комисијата даде професорот Борче Давитковски, поради, како што рече, неможност да се постигне согласност за конечниот извештај од работата на Комисијата. Во Комисијата СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ имаат делегирано по двајца членови.