Фудбал – Лига на Шампиони (реванш плеј - оф)

Салцбург – Динамо за елита и за 15 милиони евра

24.08.2016 17:14

Во 2009-та во третото квалификациско коло Салцбург со две убедливи победи ги исфрли загрепчани, пред две години во елиминациите за УЕФА Европа лигата решавачка беше гостинската победа на екипата од градот на Моцарт...

Системот на Платини којшто им овозможува на прваците на понискорангираните  првенства меѓусебно да се пресметаат за влез во Лигата на шампионите, придонесе чести дуели на Салцбург и Динамо. Австријците се поуспешни, но иако со новиот спонзор седумпати во последните десет години ја освојуваа домашната титула, никогаш не се пласираа во елитното натпреварување. Спротивно, најдобрата хрватска екипа, пет сезони играше во фазата по групи. 

Во 2009-та во третото квалификациско коло Салцбург со две  убедливи победи ги исфрли загрепчани, пред две години во елиминациите за УЕФА Европа лигата решавачка беше гостинската победа на екипата од градот на Моцарт, додека во првиот меч пред осум дена на Максимир беше 1:1. Овој резултат и вкупните три победи и две реми се потенцијалната предност на Салцбург којшто на својата Арена ќе биде без Миранда, Ратковски и без Превљак. Сепак, најголема грижа за шпанскиот стратег на австријската клупа, Оскар Гарсија е дали ќе игра години наназад најдобриот фудбалер и прв стрелец Соријано. И покрај повредата, најавата е дека ќе биде во првиот тим.

И Динамо најверојатно нема да биде комплетен, но најголем хендикеп би било неиграњето на репрезентативниот стопер Шинделфелд. Повреден е и Кнежевиќ, додека тренерот Крањчар размислува од тактички причини на клупата да го остави искусниот Португалец, Мачадо. Неговиот сонародник, голманот Едуардо кој ќе замине во Челзи, како и креативецот Рог кој потпиша за Наполи, последен пат ќе го облечат модриот дрес.

„Иако ни одговара, нема да играме на 0:0, мојата екипа секогаш има победнички карактер, па тоа ќе го примениме и во реваншот“, изјави Гарсија.

„Ќе играме контролиран напад во континуитет. Поради резултатот очекувам противникот да почне позатворено. Тоа би требале да значи дека ќе имаме предност во поседот на топката и повеќе простор за длабински додавања и за шанси. Верувам дека барем една од нив ќе искористиме“, оптимист е Крањчар кој смета дека нема да биде трагедија и ако Динамо не се пласира во Лигата на шампионите.

Поразениот има обезбедено учество во групите во Европа лигата и околу шест милиони евра, но успехот во двомечот покрај пласман во елитното друштво значи и минимална заработка од околу 15 милиони евра. 

Вечерашните реванши од плеј - офот ќе бидат формалност за Манчестер Сити којшто ќе ја пречека Стеауа со гостински 5:0 и за Борусија Менхенгладбах којашто кај Јанг Бојс славеше со 3:1. Копенхаген на Кипар кај АПОЕЛ ќе брани домашни 1:0, додека предноста на Ростов во дуелот со Ајакс е во амстердамските 1:1.

Преносот од натпреварот Салцбург - Динамо Загреб ќе биде на МТВ1 во 20.45.