Вечер во руски дух со Македонската филхармонија

31.10.2013 15:11

Македонската филхармонија на 31 октомври 2013, во Салонот на МОБ со почеток во 20:00 часот ќе го претстави концертот симболично насловен „Там русский дух, там Русью пахнет...“, посветен на големите руски симфоничари.
Македонската филхармонија на 31 октомври 2013, во Салонот на МОБ со почеток во 20:00 часот ќе го претстави концертот симболично насловен „Там русский дух, там Русью пахнет...“, посветен на големите руски симфоничари.
Оркестарот ќе настапи под водство на исклучителниот диригент и миленик на македонската публика Емил Табаков, а како солист ќе се претстави талентираниот бугарски виолинист Светлин Русев, победник на голем број престижни меѓународни натпревари. Светлин Русев настапува на најпрестижните светски сцени, член е на жири на голем број меѓународни натпревари, а исто така е концертмајстор на Филхармонискиот оркестар на Радио Франција и редовен професор на Високиот конзерваториум за музика и танц во Париз. 
На програмата се раскошниот Концерт за виолина и оркестар на великанот на руската музика, П. И. Чајковски, како и величествената Симфонија бр. 2 од Сергеј Рахмањинов. Концертот за виолина и оркестар од П. И . Чајковски е еден од најомилените концерти на публиката ширум светот и претставува столб на железниот виолински репертоар. 
 
 
Биографии:
 
Харизматичниот виртуоз на виолина, Светлин Русев, го започнува своето образование на многу рана возраст со својата мајка, која е професор по виолина, а во 1991 година е примен на Високиот конзерваториум  за музика и танц во Париз, каде учи со Жерар Пуле, Деви Ерлих и Жан-Жак Канторов. Во 1994 година дипломира со прва награда и едногласна оцена summa cum laude и веднаш продолжува со постдипломски студии на конзерваториумот.
Светлин Русев е добитник на многу награди и признанија на голем број меѓународни натпревари, од кои најзначајна е првата награда и наградата за најдобра изведба на бахов концерт на меѓународниот натпревар „Сенади“ во Јапонија. Исто така, тој е добитник и на највисоките државни награди и признанија на Бугарија.
Со исклучителна виртуозност и интензивност, Светлин Русев свири репертоар кој се протега од барокот па се до современото творештво. Тој е редовен солист со голем број оркестри како: Националниот оркестар на Франција, Филхармонискиот оркестар на Радио Франција, Филхармонијата на Сеул, Филхармонискиот оркестар на Токио, Симфонискито оркестар на Индианаполис, Оркестарот на бугарското национално радио итн; со диригенти како: Мјунг-Вун Чунг, Леон Флајшер, Јехуди Мењухин, Марек Јановски, Франсуа-Ксавиер Рот, Жан-Жак Канторов, Емил Табаков... 
Светлин Русев настапува во водечките концертни сали: театарот „Бољшој” во Москва, салата „Сантори” во Токио, Центарот на уметностите во Сеул, салата „Плејел” во Париз, концертната сала „Бела Барток“ во Будимпешта. Палатата на уметности во Брисел и многу други. Има направено бројни аудио записи на дела од Владигеров, Григ, Метнер и др. 
Светлин е концертмајстор на Филхармонискиот оркестар на Радио Франција и од 2007 концертмајстор на Сеулскиот филхармониски оркестар, а исто така предава виолина на  Високиот конзерваториум  за музика и танц во Париз. 
Свири на виолина Страдивариус изработена во 1710 година, позајмена од музичката фондација Нипон.
 
 
Емил Табаков го завршува образованието на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, а паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање. Во 1978 дипломира и на одделот по композиција. 1977 ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген. Од 1976-1979 година работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а следната деценија се до 1987 година тој е уметнички раководител и диригент на  Софиските солисти. Во 1987 станува диригент на Софиската филхармонија, а потоа во 1988 и нејзин уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година Табаков е уметнички директор и диригент на Софиската филхармонија и Белградскиот филхармониски оркестар. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија диригира и со оркестри во Германија, Англија, Шведска,Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореа, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија и др. Настапува на турнеја со Францускиот национален оркестар, со Софиската филхармонија на турнеја во Велика Британија, во Арена ди Верона и др. На репертоарот на овој диригент се наоѓаат бројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и современите композитори. Досега реализирал снимки за голем број музички куќи во Бугарија и Европа, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Малер (колекција од 15ЦД-а), комплетни циклуси симфонии од Скрјабин и Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Бетовен и др. Покрај тоа што Табаков денес е еден од најзначајните диригенти на овие простори, тој е истовремено и еден од   најинтересните бугарски композитори, кој уште на почетокот на 80-те години значително се истакнува со неговото творештво. Автор е на бројни концерти за различни инструменти, како и дела различни по форма за симфониски оркестар и други формации. За неговите творби наградуван е од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе ставени на компакт дискови.