Монографијата „Прекрасна Македонија“, е во издание на „Трето уво“

Промовирана двојазичната монографија „Прекрасна Македонија“

01.11.2013 11:40

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа во Музејот на македонската борба, ја промовираше луксузната двојазична монографија „Прекрасна Македонија“

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа во Музејот на македонската борба, во присуство на голем број гости, ја промовираше луксузната двојазична монографија „Прекрасна Македонија“, во издание на „Трето уво“.
Станува збор за публикација поддржана во Годишната програма на Министерството за култура која на 230 страници, на македонски и на англиски јазик, ги презентира природните убавини во Република Македонија, културното-историското наследство и артефактите од нејзината долга и богата историја и традиција.
- Монографијата „Прекрасна Македонија“ е вреден артефакт за сите нас, но е и репрезентативен подарок за секој посетител на нашата држава, спомен кој ќе го земе со себе и кој, верувам, ќе го поттикне, повторно да дојде во Македонија - истакна министерката за култура која додаде дека оваа книга говори за физичката и духовната култура на македонскиот народ. 
Иво Јанковски од издавачката куќа „Трето уво“ потенцираше дека монографијата презентира веќе познати, но и многу нови откритија, артефакти и вредности, па иако е наменета во прв ред за странскиот читател, таа во исто време ја збогатува и национална свест за нас самите и нашето место во историјата.
-Оваа монографија ја презентира творечката оригиналност на Македонците, нашите епохални духовни и културни процеси низ вековите што не позиционира како базична цивилизациска оска на Балканот - рече Јанковски.
 
Изданието е дополнето и со мултимедијално ДВД со 52-минутен филм составен од подвижни слики што го презентираат најубавото од Македонија.