Претставување на евровизиската песна на Тијана во музичкото шоу Хит на месецот на МРТ

02.02.2014 20:10

Како што беше соопштено во саботното издание на емисијата Стисни Плеј, евровизиската песна со која што...

Како што беше соопштено во саботното издание на емисијата Стисни Плеј, евровизиската песна со која што Тијана Дапчевиќ ќе не претстави на 59-тото издание на Изборот на песна за Евровизија, официјално ќе биде претставена на 22 февруари, во музичкото шоу Хит на месецот.

„Подготвуваме специјално издание на Хит на месецот, во кое покрај редовните музички содржини на шоуто, кои гледачите веќе привикнаа да ги гледаат, ќе се обидеме да ги задоволиме и вкусовите на евровизиските фанови. Секогаш домашниот Избор на песна за Евровизија е следен со големо внимание и од евровизиксите фанови ширум Европа, па во Хит на месецот ќе понудиме повеќе содржини преку кои ќе го претставиме процесот на снимање на нашата евровизиска песна, авторот, нашиот изведувач и се разбира песната“, вели Мери Попова, шеф на Македонската Евровизиска делегација.

Засега МРТ открива дека автор на композицијата е продуцентот Дарко Димитров и дека станува збор за композиција во брз, денс  ритам. Сеуште се работи на финалната верзија на текстот и насловот на песната.

„Со Дарко Димитров работиме четиринаесет години и многу сме успешни како тандем во регионот. Отсекогаш знаевме дека нешто големо ќе ни се случи, ова е тој момент“, изјави Тијана Дапчевиќ во емисијата Стисни Плеј.

Изборот на песна за Евровизија  ќе се одржи од 6-ти до 10-ти мај во  Копенхаген, Данска, а учество ќе земат вкупно 37 земји. Тијана Дапчевиќ ќе настапи на 8 мај, во второто евровизиско полуфинале.