Американците избираат нов претседател

08.11.2016 17:05

Доналд Трамп или Хилари Клинтон. Кој ќе биде 45-тиот американски претседател? Гласачите очекуваат подобар живот и единство. Во Америка гласаа и Американците од македонско потекло...

Голем интерес кај Американците за 58-тите претседателски избори. Уште од 5 часот наутро, два часа пред отворањето на гласачките места, американските гласачи чекаат во редици за да го остварат своето право на глас.

Американските гласачи денеска се одлучуваат помеѓу Доналд Трамп или Хилари Клинтон, промени или продолжување на досегашната политика. Од новиот претседател очекуваат многу работи.

„Што очекувам од новиот претседател? Се надевам дека ќе биде Хилари Клинтон и очекувам дека државата ќе биде подобра.“

„Работа, работа, работа. И повторно да ја обедини државава.“

„Животот да продолжи и сите да работиме заедно. И да продолжиме да градиме силна држава и силна економија.“

„Се надевам дека тие се волни да бидат претседател за сите Американци и покрај поделеноста на овие избори. И да работат на прашања за човековите права, расна еднаквост, женски права.“

„Моето очекување е претседателот да биде фер, а не расист и да донесе политики што ќе ја подобрат Америка“, велат гласачите кои ги анкетиравме.

Одѕивот на овие избори е далеку поголем од претходните во 2012-та.

„Претседателските избори вообичаено се многу зафатени. На двата последни претседателски избори имавме редици околу зградите, па мислам дека ќе има ист одѕив како и порано, но рано е да се каже“, изјави шеф на изборна комисија во Вашингтон.

Американците гласаат за испразнетите места во Сенатот, Конгресот, гувернери и локални теми. Кандидатите можат да водат кампања и на денот на изборите пред избирачките места.

„Секако Вашингтон треба да биде држава. Има 650 илјади граѓани, повеќе од две други држави, а плаќаме повеќе даноци од 22 други сојузни држави.“

„Сакам да успее референдумот за државност на Вашингтон. 650 илјади жители во Дистриктот Колумбија немаат глас во Конгресот, а плаќаме федерални даноци“, велат кандидати за локална управа во Вашингтон.

Американците од македонско потекло се поделени и гласаат и за Клинтон и за Трамп.

„Македонците би гласале повеќе за Трамп, отколку за Хилари. Но, во анкетата само 10 гласови повеќе за Трамп отколку за Хилари. На прашање за името, сметаат Трамп бил подобар, а на прашањето за НАТО, Хилари била подобра. Така што дефинитивно има поделеност. Без разлика кој ќе стане претседател вечерва, ние Македонските Американци мора да продолжат да бидат активни“, смета Мето Колоски-претседател на ОМД.

Рано изутринава гласаа и претседателските кандидати Доналд Трамп и Хилари Клинтон, како и нивните потпретседателите Мајк Пенс и Тим Кејн.

207 милиони Американци имаат право на глас. На предвременото гласање пред денот на изборите гласале 43 милиони.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ