Доналд Трамп е нов претседател на САД

09.11.2016 10:03

Хилари Клинтон го призна поразот. Во двата табора различно расположение, кај Републиканците еуфорија, кај Демократите шок и неверување.

Републиканецот Доналд Трамп е новиот американски претседател. Во говорот по победата изјави дека неговата Влада ќе му служи на народот. Хилари Клинтон го призна поразот. Во двата табора различно расположение, кај Републиканците еуфорија, кај Демократите шок и неверување.

Со победата во Висконсин, Трамп доби повеќе од 270 гласови во Изборниот колегиум, кои се потребни за победа. Кандидатот на Републиканската партија се обрати од својот изборен штаб во Њујорк изразувајќи благодарност за поддршката и довербата што ја добил.

Сега е време во САД, демократите, републиканците сите да се сплотиме како обединета нација. Му ветувам на секој граѓанин на нашата земја дека ќе бидам претседател на сите Американци, тоа ми е мошне важно, рече Трамп.

Светските агенции јавија дека Клинтон во телефонски разговор со својот републикански ривал, го признала поразот во трката за Белата куќа.