Републиканецот Доналд Трамп е новиот американски претседател

09.11.2016 11:58

Републиканецот Доналд Трамп е новиот американски претседател. Во говорот по победата изјави дека неговата влада ќе му служи на народот. Хилари Клинтон го призна поразот. Во неколку американски градови граѓански протести поради изборот на Трамп за претседател.

Во Америка се случи револуција. Аутсајдерот Доналд Џон Трамп ја победи политичката елита и стана новиот американски претседател. Американските гласачи му дадоа шанса на Трамп да ги оствари своите изборни ветувања за промени почнувајќи од корупцијата во Вашингтон.

„Работејќи заедно ќе  почнеме итна задача за изградба на нашата нација и обнова на американскиот сон. Целиот живот го поминав во бизнисот гледајќи неоткриени потенцијали , проекти и луѓе низ цел свет, тоа сега сакам да го направам за нашата земја. Огромен потенцијал, ја запознав земјата добро , има огромен потенцијал. Ќе биде убава работа. Секој Американец ќе има можност да ги реализира своите потенцијали“, изјави Доналд Трамп во победничкиот говор.

Во првите 100 дена од неговото претседателство Трамп вети дека ќе го укине „Обама кеир“, договорот со Иран, штетните трговски договори и ќе спречи американските компании да заминуваат од Америка, ќе ги обезбеди американските граници, ќе се погрижи за ветераните и ќе им даде поддршка на воените и полициските сили. Со ова практично ќе бидат укинати најголем број од законите донесени од претседателот Обама. Трамп во остварувањето на своите цели ќе ја има поддршката од Сенатот и Конгресот каде Републиканците го зачуваа мнозинството.

Хилари Клинтон одби да го признае поразот на изборите. На нејзините поддржувачи им се обрати шефот на изборниот штаб, Џон Подеста, којшто изјави дека секој глас е важен и дека ќе се изјаснат следниот ден. Сепак потоа, Клинтон му телефонирала на Трамп и му ја честитала победата.

Доналд Трамп е 45-тиот американски претседател.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ