Реакции по победата на Трамп

09.11.2016 14:25

Рускиот претседател Путин му ја честиташе победата на Трамп. Европската унија без многу големо воодушевување ја прими веста дека републиканецот Доналд Трамп е избран за нов претседател на САД. ЕУ и САД ќе продолжат заедно да работат, напиша на „Твитер“ високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.

Додека во „Кулата на Трамп“ се слави, светот е во шок и неверување по изборот на новиот американски претседател. Иако поголем дел од светските лидери јавно ја поддржаа Клинтон, на крајот од денот му честитаа на Трамп. Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц вели дека Трамп ќе биде предизвик за Европа, но тој е претседател избран на слободен начин и ја заслужува нашата почит, но очекувам и тој да не почитува нас.

„Неговите пораки во изборната кампања беа навистина спротивни од она што го сметаме за коректна транснационална демократија. Тоа е причината зошто ние ќе мора да дискутираме со г-дин Трамп. Од друга страна, верувам дека политичкиот систем на САД е толку силен што ќе го обликува претседателот Трамп“, изјави првиот човек на ЕП, Мартин Шулц.

Русија е подготвена и сака да ги обнови односите со САД, порача Путин кој му ја честиташе победата на Трамп.

„Знаеме дека ќе биде тешко, но ние сме подготени да ја одиграме нашата улога и ќе направиме се за да ги вратиме односите на Русија и Америка на патот кон стабилен и оддржлив развој“, рече Путин.

Официјален Лондон игра на картата на традиционалното пријателство, додека Франција се надева дека САД и натаму ќе остане нивен клучен партнер во борбата против тероризмот.

„Пријателството на нашите два народа и заедничката историја ќе ни помогнат. Франција ќе бара трансатлантска соработка, без какви било отстапки и во целосна независност“, рече францискиот претседател, Франсоа Оланд.

„Ова е одлична вест! Демократијата е жива!“- напиша на „Фејсбук“ премиерот на Унгарија Виктор Орбан, додека Турција побара Трамп да го испорача Фетула Ѓулен.

Најголема беше разочараноста во Мексико и Куба кои и дадоа огромна поддршка на Хилари Клинтон.

 

Викторија Милевска