Победата на Трамп предизвика протести низ САД

10.11.2016 10:04

Протести во поголемите градови на САД по победата на Доналд Трамп на изборите за претседател. Следбениците на Хилари Клинтон не се согласуваат со влегувањето на републиканецот во Белата куќа. Полицијата во Лос Анџелес уапси 13 демонстранти. Денеска Трамп треба да се сретне со сѐ уште актуелниот претседател Обама.

Илјадници демонстранти незадоволни од победата на Доналд Трамп одржаа протести во САД. Реториката за време на кампањата во однос на мигрантите, малцинствата, жените и други категории граѓани се главна причина за страв и револт кај населението.

„Исплашена сум. Моето семејство има политички бегалци од Куба и е благодарно на земјава што не прифати. А сега сум преплашена.“

„На омразата нема да и возвратиме со омраза. Ова протестирање испраќа посилна порака отколку да почнеме да беснееме и викаме. Јас нема да паднам на нивното ниво“, велат демонстрантите.

Во Њујорк ги наполнија улиците на Менхетн во близина на Кулата на Трамп која е симбол на бизнис царството. Над 1.800 демонстранти се собраа пред хотел на магнатот во Чикаго. Во Лос Анџелес запалија карикатура на Трамп. Над 1.500 студенти и професори излегоа во Сан Франциско, деца на доселеници кои стравуваат дека ќе бидат депортирани од новата американска администрација. Демонстрации имаше и во Филаделфија, Бостон, Тексас и Портланд.

Во трката за 45 американски претседател пораз доживеа демократката Хилари Клинтон која беше во контиунирано водство до крајот на кампањата. Трамп ќе се сретне со сега веќе поранешниот претседател Барак Обама за процесот на предавање на функцијата.

Обама и Клинтон повикаа на единство и почит на изборот за новиот лидер. Штабот на американскиот претседател не ги коментираше најновите случувања. И покрај силните зборови кои ги употребуваше за време на кампањата, Трамп во првиот говор како претседател, нагласи дека ќе биде праведен кон сите.