Протести низ САД по победата на Трамп

10.11.2016 12:55

Победата на Доналд Трамп предизвика протести низ САД. Обама и Клинтон побараа да се почитува изборот на американскиот народ, а Трамп нагласи дека ќе биде праведен претседател за сите...

Илјадници демонстранти незадоволни од победата на Доналд Трамп одржаа протести во САД. Реториката за време на кампањата во однос на мигрантите, малцинствата, жените, хомосексуалците и други категории граѓани се главна причина за страв и револт кај населението.

„Исплашена сум. Моето семејство има политички бегалци од Куба и е благодарно на земјава што не прифати. А сега сум преплашена.“

„На омразата нема да и возвратиме со омраза. Овие протести испраќаат посилна порака отколку да почнеме да беснееме и да викаме. Јас нема да паднам на нивното ниво“, велат дел од демонстрантите.

Улиците на Менхетен во близина на Кулата на Трамп, која е симбол на бизнис-царството беа преполни. Над 1.800 демонстранти се собраа пред хотел на магнатот во Чикаго. Во Лос Анџелес каде што запалија и карикатура на Трамп, полицијата уапси 13 демонстранти. Над 1.500 студенти и професори излегоа во Сан Франциско, деца на доселеници кои стравуваат дека ќе бидат депортирани од новата американска администрација. Демонстрации имаше и во Филаделфија, Бостон, Тексас и Портланд. Во Калифорнија почна и кампања на социјалните мрежи за отцепување од САД под името „Калегзит“ по примерот на Брегзит откако демократката Хилари Клинтон доживеа пораз во трката за 45 американски претседател.

Доналд Трамп ќе се сретне со сега веќе поранешниот претседател Барак Обама за процесот на постепено предавање на функцијата. Овалната канцеларија ќе му ја предаде на 20-ти јануари 2017 година.

Инаку, и Обама и Клинтон повикаа на единство и почит на изборот за новиот лидер. Штабот на американскиот претседател не ги коментираше најновите случувања. И покрај силните зборови што ги употребуваше за време на кампањата, Трамп во првиот говор како претседател нагласи дека ќе биде праведен кон сите.