Средба Трамп- Обама: Договорена транзицијата на власта

11.11.2016 10:27

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп и претседателот на заминување Барак Обама се сретнаа во Белата куќа за да ја договорат транзицијата на власта од актуелната на идната администрација. Приоритетите на идниот американски претседател и наследството на досегашниот биле тема на разговорите меѓу Трамп и Обама.

Трамп и Обама ја договорија за транцизијата на власта. На средбата во Белата куќа, Трамп и Обама разговарале за домашната и надворешната политика на Соединетите Американски Држави. Мишел Обама ја запознала Меланија Трамп со Белата куќа што наскоро ќе стане дом на семејството Трамп.

„Мојот приоритет број еден во наредниве два месеца е да ја нагледувам транзицијата и да обезбедам таа да биде успешна за новоизбраниот претседател. Бев многу јасен за моите интереси, новоизбраниот претседател Трамп да работи со мојот тим на прашањата со кои се соочува нашата држава. Мислам дека тоа е важно за сите нас, без разлика на партијата и разликите“, изјави американскиот претседател во заминување, Барак Обама.

„Состанокот требаше да трае 10 или 15 минути. Штотуку се запознавме, порано не сме се сретнале со претседателот за којшто имам голема почит. Состанокот траеше час и половина и што се однесува до мене можеше да трае и подолго. Ние навистина разговаравме за многу различни ситуации, некои прекрасни, а некои со потешкотии. Се радувам на идните средби со претседателот во иднина, вклучувајќи и за совет. Тој објасни дел од потешкотиите, капацитетите и некои навистина одлични работи што се постигнати“, изјави новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп.

Тимот за транзиција на Трамп ја предводи гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи, којшто се спомнува како иден шеф на кабинетот или секретар за комерција. Шеф на кабинетот во Белата куќа може ќе биде претседателот на Републиканскиот Национален комитет, Рејнс Прибас. Најсериозен кандидат за нов државен секретар е поранешниот спикер и сенатор Њутн Грингрич. Сенаторот од Алабама, Џеф Сизнс е името за новиот секретар за одбрана. Генерал Мајкл Флин ќе биде новиот Советник за национална безбедност. Поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани се спомнува како кандидат за нов Државен обвинител, или човек којшто ќе го советува Трамп за изборот на нов Државен обвинител. Финасиерот од „Вол Стрит“ и филмски продуцент Стивен Мнучин е можен Секретар за трезор.

Трамп имаше средби во Конгресот и Сенатот во Вашингтон. Мандатот на Доналд Трамп ќе почне на 20-ти јануари за кога е закажана неговата инаугурација во Вашингтон.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ