Истекува рокот за доставување на кандидатските листи

11.11.2016 15:50

Ноќеска на полноќ истекува рокот за доставување на кандидатските листи за пратеници за предвремените парламентарни избори. Во исто време, финишира и јавниот увид во избирачкиот список, пријавувањето на дијаспората за гласање, обновувањето на избирачкото право за оние луѓе, чиишто записи во избирачкиот список, по извршените теренски и административни проверки, беа заведени како спорни. Државната изборна комисија треба да заклучи избирачкиот список на 21-ви ноември.

На полноќ истекува рокот за доставување на кандидатските листи од независни кандидати и од политичките партии кои ќе се натпреваруваат да ја освојат довербата на електоратот на вонредните парламентарни избори, закажани за 11-ти декември. Од Државната изборна комисија известуваат дека до крајот на денот завршува и пријавувањето за гласање во странство и за увидот во избирачкиот список во земјава и во дипломатско конзуларните претставништва. Од вкупно 28.958 избирачи кои по вкрстени и теренските проверки беа утврдени како спорни, а не се пријавија во првиот рок, досега само 1.200 го потврдиле своето избирачко право.

Кандидатските листи треба да бидат разгледани и потврдени од членовите на ДИК во рок од 48 часа од моментот на доставувањето односно до недела на полноќ. Доколку се констатираат неправилности учесниците во изборите треба да ги отстранат во рок од 48 часа. Жребувањето за редоследот на листите треба да се одржи на 20-ти ноември.

Утврдените кандидати до 15-ти месецов треба да отворат единствен даночен број во Централниот регистар и да отворат трансакциона сметка во банките со назнака „за изборната кампања“. За парите кои ќе ги потрошат партиите во кампањата според роковникот на ДИК треба да поднесат два финансиски извештаи на 1-ви и 10-ти декември, а третиот вкупен финансиски извештај треба да стават на увид еден месец  по затворањето на трансакциската сметка.

Изборната кампања почнува на 21-ви ноемри и ќе трае до 9-ти декември на полноќ. Ден пред изборите на 10-ти декември ќе гласаат лицата во странство, затворениците, притворениците и оние во куќен притвор, лицата со статус внатрешно раеселени, како и болните и немоќните лица.     

 

Игор Панов