Продолжуваат протестите против Трамп

11.11.2016 15:56

По средбата со Барак Обама во Белата куќа, новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, почна да го крои составот на новата администрација во Вашинтон. Се очекува клучните позиции да им припаднат на неговите најверни следбеници. Во повеќе градови се уште има протести против неговиот избор.

Вториот ден од протестите против новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп мина со помал одзив на незадоволни граѓани, но инцидентите беа неизбежни. Полицијата во Портланд мораше да интервенира за да ја растера групата што кршеше излози со палки и камења. Уапсени се неколку лица. Во Минеаполис, граѓаните блокираа автопат. Револтираната американска младина стравува дека реториката и постапките на милијардерот ќе предизвикаат поделба врз основа на расна и полова омраза.

„Овде сум зашто имам одговорност како бела жена од САД. Имам обврска да зазезам став и за себе и за другите кои се засегнати од власта на Трамп. Не постои оправдување за оние кои се рамнодушни“, вели Коди Џејкобс.

„Во неверување сум од овие зборови. Луѓето ги канализираат бесот и чувствата, шокот низ кој минуваме сите. Одлично е што сме вака сплотени“, додава Мишел Јео.

Демонстрации се најавени и за претстојниот викенд.

Во меѓувреме, Трамп ги почна разговорите во Белата куќа за преземање на власта од сегашната администрација. По средбата со Барак Обама, нареден чекор е дефинирање на составот на новата влада која, според аналитичарите, ќе им припадне на најверните следбеници на бизнисменот. Сенаторот Џеф Сешнс, кој беше меѓу првите што останаа со Трамп кога многумина републиканци му свртеа грб, е можен кандидат за министер за одбрана. Поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани е фаворит за позицијата-министер на правосудството. Советничкото место за национална безбедност може да заврши во рацете на Мајкл Флин. Како можни членови на новата администрација се споменуваат и поранешната кандидатка за потпретседател Сара Пејлин, поранешниот гувернер на Арканзас Мајк Хакаби и актуелниот гувернер на Њу Џерси Крис Кристи.

Инаугурацијата на Доналд Трамп е планирана за 20 јануари 2017 година.