Музички „земјотрес“ викендов го тресеше Скопје

03.02.2014 13:21

Добра организација, квалитетен звук, одлична музичка програма, и публика која знае да се забавува. Вака изгледаше второто издание на фестивалот „Земјотрес“ кој викендов се случуваше во Младинскиот културен центар во Скопје. Ентузијазмот, радоста и позитивната енергија на овогодишното издание на фестивал беа очигледни, како кај публиката и посетителите така и меѓу изведувачите, издавачите и организаторите.

Добра организација, квалитетен звук, одлична музичка програма, и публика која знае да се забавува. Вака изгледаше второто издание на фестивалот „Земјотрес“ кој викендов се случуваше во Младинскиот културен центар во Скопје. Ентузијазмот, радоста и позитивната енергија на овогодишното издание на фестивал беа очигледни, како кај публиката и посетителите така и меѓу изведувачите, издавачите и организаторите.

„Второто издание на фестивалот Земјотрес беше успешно по сите параметри. Пред се организацијата и партиципацијата на независните лејблови и бендови беше прекрасна. Дваесетина настапи за кои во секое време имаше публика. Квалитетот на настанот на завидно нивo, ми се чини дека сите се презадоволни“, изјави  за МТВ Мирко Попов од  PMG Recordings, кој е еден од оснoвaчите на македонската електронска сцена.

Годинава се здружија 9 независни издавачи (PMG Recordings, Направи заедно, Sixtynine Records, Green Hill Records, Gorila 92, Шарла, Кран Рекордс, E Go East Records, 22 Records). Влезот беше отворен во 19 часот, а веќе во 22 часот просториите на МКЦ беа преполни. Поделени на три сцени настапија повеќе од 20 музички имиња.

Во денсинг салата забавата почна со реге составот Canon, по што следуваа членовите на La Colonie Volvox на чело со незаменливиот Сашо Гигов- Гиш кој одлично ја забавуваше публиката. Музичката треска продолжи со настапот на српскиот состав While, потоа следуваа енергичните  Bernays Propaganda, оригиналните PMG Kolektiv, панкерите - Новиот почеток, а за крај публиката уживаше во настапот на носачите на експерименталниот звук - A Venus Fly Trap.

И во бифето Фросина имаше журка.Моќен гитарски звук можеше да се слушне таму. Настапија релативно нови бендови кои воопшто не звучеа аматерски. На малата сцена музички перформанс имаа  Leitmotif, Tv Rage, Funk Shui, Shoen, Gears, Dok7 и Spank, кои воедно имаа и промоција на нов албум.

Техно стејџот беше најразиграното место. Мразот го скршија Nerd Arena Crew, потоа следуваше дуото Демек, а за крај беа оставени техно ветераните Душко Јаневски и Мирко Попов заедно со младата Теа Шалдева, која во последниве неколку години  се истакна во техно фелата со неколку квалитетни авторски дела и како одличен презентер на техно звукот.

„Не би можел да коментирам како беше на останатите, но на нашиот техно подиум се случи вистински музички земјотрес со јачина од околу 8 до 9 степени според Рихтер. Навистина прекрасен увид во обединувачката моќ  на современата музика за танц“, констатираше во изјавата за МТВ скопскиот техно Ди-џеј и продуцент – Душко Јаневски.

Во текот на фестивалската вечер, во холот на Мкц беше поставен базар, каде што можеа да се набават музички изданија на изведувачите, а тоа беше и одлична можност за поддршка на бендовите и воопшто на македонската независна музичка сцена.

Моника Јовановска