Македонската музика претставена на саемот МИДЕМ

04.02.2014 10:30

Станува збор за најстариот, најголемиот и најзначајниот саем на музика во светот...

Македонската музика од  1 - 4 Февруари во Кан, Франција, беше претставена на 48-от по ред саем на музика во светот- МИДЕМ. Станува збор за најстариот, најголемиот и најзначајниот саем на музика во светот, кој оваа година го посетија  6.500 гости од 3.000 водечки музички компании од 75 држави од целиот свет. 
 
Според организаторот на МИДЕМ, овие бројки се позитивен знак за "заздравување и пораст на обемот на музичката индустрија на светско ниво".
Нашата држава се појави како излагач со сопствен штанд под уставното име Македонија.
 
Интересен е податокот дека за време на саемот македонскиот штанд го посетија неколку илјади гости и со себе понесоа примероци од луксузниот музички промотивен материјал специјално изготвен за оваа прилика, а домаќинот на македонскиот павиљон и носител на штандот, Иво Јанкоски од „Трето уво“ оствари и многубројни средби со водечките музички куќи од целиот свет.
 
„За нашата музика годинава посебен интерес покажаа далечните земји како Малезија, Тајван, Јапонија, Бразил и др. Македонската музика ја промовиравме со каталог во печатенa форма, како и ДВД и ЦД во електронска форма: каде се претставени моментално најзначајните "извозни музички брендови", компании, фестивали и институции од македонската музичка сцена.Промотивниот ДВД и компакт диск содржат информации и контакти, како и музика од моментално најпопуларните музички ѕвезди од различни жанрови: поп, рок, етно, џез, рап, хип-хоп итн“, вели Јанкоски.
 
За времетраење на саемот паралелно се одржаа 40-тина конференции и дебати посветени на развивање на системите за заштита на авторските права и новите стратегии во дигитална продажба и пласман на музиката на светско ниво на кои Македонија зема активно учество.
 
Своите искуства на ова поле ги презентираа многубројни експерти и директори на најголемите, рекорд компании и инернет продавници, а како специјални гости се појавија: се попопуларната британска поп ѕвезда, Рита Ора и француската музичка легенда и актуелен претседател на здружението ЦИСАК, г-динот Жан Мишел Жар.
 
Учеството на Македонија и претставувањето на македонската музика на МИДЕМ е со подршка на Министерството за Култура на Република Македонија.