Рубенс Муратовски- нов уметнички директор на Драмски

04.02.2014 16:25

Актерот Рубенс Муратовски во наредните четири години, како новоизбран уметнички...

Актерот Рубенс Муратовски во наредните четири години, како новоизбран уметнички – програмски раковидтел на Драмски театар, ќе настојува репертоарот на претстави да се базира на актерскиот потенцијал на оваа театарска куќа.  Еден од најголемите репрезенти на македонската драма од први месецов застана на местото на Зоран Љутков, кој неодамна даде оставка од оваа функција од лични причини.
 
„Искрено ќе се трудам да ги задржам вредностите што ги воспоставиле изминатите директори, и ако даде Бог, да воспоставам уште повисоки. Не се залажувам дека нема да правам грешки, но заедно со директотот и уметничкиот совет ќе се обидеме да ги сведеме на минимум. За да се случи театар, потребни се двајца, актер и публика. Без сите се може, но без нив не. Токму поради тоа, репертоарната политика, во најголам мера ќе биде базирана на актерскиот потенцијал на театарот“, истакна во изјавата за МТВ новиот уметнички раководител Муратовски. 
 
Роден во 1971 година, или четири години по основањето на Драмскиот театар, Рубенс Муратовски во 1996 година дипломира на ФДУ, во класата на проф. Љубиша Георгиевски, а од 2000 се вработува во Драмскиот театар. Со актерството Муратовски почнува од најрани години, а на македонската публика и станува познат по главните улоги што ги толкуваше во детската серија „Белото Циганче“ и „Булки крај шините“.
 
Како што поминуваа годините, така се редеа и неговите успеси. Остваруваше забележителни главни и споредни улоги во претстави на матичниот театар, но и на сите други театарски сцени во  Македонија и надвор од неа. 
 
Моника Јовановска