Судскиот совет разгледуваше приговори зад затворена врата

11.01.2017 15:21

Судскиот совет ги разгледуваше приговорите на кандидатите за претседатели на Врховниот и на скопскиот Кривичен суд. Седницата на советот не беше јавна. Според Караџовски, не се прават отстапки ниту за еден приговор.

Зад затворена врата Судскиот совет ги разгледуваше приговорите на кандидатите за оценувањето. Советот не го уважи барањето на поранешната претседателка на Врховен и кандидат за оваа позиција Лидија Неделкова јавноста да присуствува на седницата при разгледувањето на приговорите од кандидатите за првите фотељи во судовите. Претседателот на Советот, Караџовски го отфрли барањето како неосновано, бидејќи досегашната практика не познавала ваков формат на јавни седници. Иако Неделкова има уставно право да бара јавност, Караџовски смета дека е во право да ја исклучи јавноста, според како што рече, законот и деловникот

За јавноста остана тајна и кому од кандидатите Советот му ги прифатил приговорите, кому не. Караџовски тврди дека главно приговорите се однесувале на начинот на бодирањето. Токму Неделкова реагираше на вонредното оценување зошто не и се признаваат научните трудови што ги објавила во странски списанија со меѓународен импакт фактор, зошто ѝ се дадени само 185 бодови од вкупно 190. И судијата Џолев кој се кандидира за претседател на скопска единица поднесол приговор. В.д. претседателката на Врховен Бајлозова, пак, не поднесла приговор и не сакаше да коментира ништо во однос на постапката.

Караџовски не кажа кога ќе бидат избрани претседателите на судовите. Инаку, годинава сите судии ќе бидат редовно оценувани. А Советот ќе ја разгледа можноста за редефинирање на судските места.  

 

Фиљана Кока