Охрид: Последни подготовки за Богојавление- Водици

11.01.2017 16:10

Охрид ги врши последните подготовки во пресрет на големиот верски празник Богојавление- Водици. Иако температурата на езерската вода е екстремно ниска и вчера изнесуваше само 5,8 степени целзиусови, се очекува и годинава десеттици верници да запливаат по светиот крст.

Охриѓани ги прават последните подготовки за уште едно уникатно одбележување на верскиот празник Богојавление- Водици. Најголемата црковно- народна манифестација во земјата по традиција ќе се одржи на градското пристаниште, каде што во присуство на илјадници граѓани во ладните езерски води по светиот крст ќе запливаат повеќе десеттици верници.

„Годинава се навистина екстремно ниски и надворешните температури и температурата на водата, последната измерена вчера, на 10 јануари е 5,8 степени целзиусови. Сакам да напоменам и да апелирам до сите оние што планираат да влегуваат во водите на Охридското Езеро, да не конзумираат алкохол пред влегување во водата“, изјави Сашо ТочковЦрвен Крст- Охрид.

Чествувањето на празникот ќе биде збогатено со повеќе настани. Големо внимание ќе привлече промоцијата на документарниот филм „Танц со пастрмките“ на нуркачот Милутин Секулоски- Миќо, при што гледачите за прв пат ќе можат да уживаат во подводниот свет на езерската кралица.

„Кој е сниман 5 години во Охридското Езеро за време на мрест на охридската пастрмка. После тоа следува и изложба на подводна фотографија“, изјави Милутин Секулоски-Миќо, нуркачки центар „Амфора“.

Иако временските услови не им се наклонети на охриѓани, тие очекуваат солидна посетеност во текот на празниците.

„Мислам дека ќе имаме добар одзив на гости и дека како и сите изминати години ќе имаме успешен празник со доста гости, соубава програма како што доликува и како што било досега“, вели Јаким Маленкотуристички работник.

Како и лани и годинава нема да има кум за празникот Водици, а за организацијата ќе се погрижат МПЦ и локалната самоуправа.

 

Сашо Нелоски