Битола го слави празникот на градот 4-ти Ноември

04.11.2013 10:02

Општина Битола денеска го слави празникот на градот 4. Ноември востановен во чест на денот на ослободувањето и далечната 1944 година од кога се навршуваат 69 години слободарска Битола

Празничните манифестации почнаа викендов со изложби, концерти и традиционалната ноќна атлетска трка која синоќа се одржа на Широк Сокак, а денеска ќе продолжат со прием на претставници на општинската организација на Сојуз на борци-Битола, кој претпладнево го организира градоначалникот Владимир Талески.
 
Од општина Битола информираат дека во текот на денот градоначалникот Талески ќе приреди прием и за претставниците на збратимените градови од Европа и ќе ја прими донацијата противпожарникарско возило од францускиот град Епинал. Во текот на денот, битолскиот градоначалник заедно со претставници на Министерството за култура ќе ја отвори новата сувенирница лоцирана во непосредна близина на НУ Завод и Музеј-Битола.
 
- Празникот 4. Ноември ќе го прославиме со многу новости и со проекти кои првпат се промовираат во историјата на градот, обезбедуваат нов лик и решенија за долготрајните проблеми. На празникот на градот ќе потсетиме на постигнатото, ќе ги наградиме најдобрите и ќе разговараме за идните планови, посочи градоначалникот Владимир Талески во празничното интервју за МИА.
 
Централната манифестација по повод Денот на ослободувањето на Битола 4. Ноември ќе се одржи вечер со уметничката програма „За мојата Битола“ на која ќе бидат врачени наградите за најдобри годишни остварувања во различни сфери кои придонеле за афирмација на градот, а ќе биде доделена и наградата за животно дело за која годинава има три кандидати.