Тодоров во посета на Центарот за трансплантација во Лондон

04.11.2013 10:06

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ќе го посети Центарот за трансплантација и лабораториите за хистокомпатибилност и имуногенетика при Одделот за хирургија во болницата „Аденбрук“ при Универзитетските болници-Кембриџ, каде  ќе  потпише меморандум за соработка.
 
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ќе го посети Центарот за трансплантација и лабораториите за хистокомпатибилност и имуногенетика при Одделот за хирургија во болницата „Аденбрук“ при Универзитетските болници-Кембриџ, каде  ќе  потпише меморандум за соработка.
 
Со меморандумот, јави известувачот на МИА, е предвидена бесплатна едукација на тројца македонски доктори - хирурзи во Центарот за трансплантација при Одделот за хирургија во „Аденбрук“, за кадаверична трансплантација, која не се прави во Република Македонија. По завршувањето на едукацијата, доктори од Кембриџ ќе дојдат во Македонија и заедно со едуцираните македонски доктори ќе прават кадаверична трансплантација.
 
Следејќи ја заложбата за континуирана доедукација на здравствениот кадар, посебно за примена на посложени интервенции кои во моментот недоволно се работат во Македонија, Министерството за здравство објави оглас за доедукација на тројца доктори-хирурзи од јавните здравствени установи (со претходно искуство во областа на трансплантација на органи) во Кембриџ - Центарот за трансплантација. Огласот завршува на 15 ноември, а изборот на кандидатите ќе го направи тим од Кембриџ - Центарот за трансплантација.
 
Кембриџ - Центарот за трансплантација е национално дизајниран трансплантен оддел за црн дроб, панкреас и тенко црево. Во него годишно се изведуваат повеќе од 90 трансплантации на црн дроб, над 190 бубрежни трансплантации, 40 трансплантации на панкреас и повеќе трансплантации на тенко црево. Клиничката болница „Аденбрук“, каде се наоѓа Центарот за трансплантација, е светски центар за медицински истражувања, со над 7.000 вработени.
 
Повеќе од 350 доктори од Република Македонија досега беа на едукација во реномирани медицински центри во странство. Овој месец на едукација се испратени 97 доктори, а до крајот на годинава планирано е уште 178 доктори да одат на едукација во 42 врвни здравствени установи во светот.