Брисел: Средба на министрите за одбрана на НАТО

16.02.2017 15:23

„Ни Европа ни САД не можат сами да се справат со безбедносните проблеми, НАТО е потребна организација“, изјави генералниот секретар на алијансата Столтенберг во Брисел. Пентагон постави ултиматум: Сите членки да дадат поголем финансиски удел зашто американците нема да се грижат повеќе од вас за безбедноста на вашите деца.

На состанокот во Брисел, министрите за одбрана на НАТО ја потврдија важноста на трансатлантската соработка во соочувањето со предизвиците во сферата на безбедноста. Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг потенцира дека ни Европа ни САД не можат самостојно да се справат со заканите на глобално ниво. Освен сојузништво, клучна е и правичната распределба на финансискиот удел во организацијата. Вашингтон им даде едногодишен ултиматум на земјите-членки за зголемување на паричниот придонес во НАТО. Шефот на Пентагон порача дека американските даночни обврзници веќе не можат да плаќаат повеќе од другите за одбрана на западните вредности.

„Чесно е да се бара од секој кој има корист од најдобрата одбрана во светот да дава соодветен финансиски удел што е потребен за одбрана на слободата. Не заборавајте дека со НАТО ја браниме слободата. Американците нема да се грижат повеќе од вас за безбедноста на вашите деца. Недостигот од воена подготвеност покажува дека немате доволна почит кон нас, алијансата и слободите кои ги наследивме“, изјави Џејмс Метис, министер за одбрана на САД.

Столтенберг нагласи дека за одбрана се потрошени дополнителни 10 милијарди долари. „САД го зголемуваат присуството во Европа, Вашингтон и е посветен на Алијансата“, додаде Столтенберг.

Силна Алијанса е корисна и за Европа и за САД, особено во период на неизвесност, превирања и несигурност. Тоа беше и пораката на министерот Метис кој нагласи  дека е важно товарот да биде подеднакво распределен, односно земјите кои не ги исполнуваат бараните 2%, да ги зголемат трошоците за одбрана. Видовме дека голем дел од нив се согласија да го сторат тоа, покажаа амбициозност, планови и посветеност“, изјави генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

Негирањето на значајноста на НАТО од американскиот претседател Трамп и неговите врски со Владимир Путин ја зголемија неизвесноста во дипломатските кругови за идните чекори на Вашингтон.

Маја Филдишев