Милер: Политичката нестабилност во Македонија го попречува економскиот раст

17.02.2017 09:21

Политичката нестабилност во Македонија го попречува економскиот раст во земјата, оценува Тери Милер, директор на Центарот за трговија и економија на Фондацијата „Херитиџ“. Оваа реномирана институција ја рангираше земјава на 31-во место според економските слободи годинава. Мора да се работи на справувањето со корупцијата и бирократијата, изјави американскиот директор за Македонската телевизија.

Македонија е економски слободна држава со пласман на 31-то место на „Индексот за економски слободи“ на американската фондација „Херитиџ“. Подобрувањето на пласманот од 47-то на 31-то место се должи на подобрување на регулативите за бизнис што овозможиле стабилно опкружување за домашни и странски инвестиции, но политичката нестабилност оневозможила подинамичен економски раст, вели авторот на индексот амбасадорот Тери Милер којшто идната недела доаѓа во посета на Македонија.

„Подобрувањето доаѓа од неколку категории што се нови во нашиот индекс. Гледаме пошироко на корупцијата и владеењето на правото, и тоа и помогна во одредена мера на Македонија во нејзиниот резултат. Исто така имаше значително подобрување поради добриот напредок што Македонија го направи во одржување на фискалното здравје на владата и држење на дефицитот на ниско ниво“, изјави Тери Милер, директор на Центар за трговија и економија на фондацијата „Херитиџ“.

Услугите се главна економска гранка во Македонија, но новите инвестиции во автомобилската индустрија помогнале за диверзификација на економијата. За да Македонија го подобри својот рејтинг што е најдобар на Балканот и меѓу најдобрите во Европа, амбасадорот Милер препорачува продолжување на структурните реформи, справување со корупцијата и бирократијата и формирање на влада за да земјата повторно се насочи кон економијата.

„Навистина е тешко кога имате политички провирања низ кои минувате и исто така имате бегалска криза на границата. Затоа ова е тешко време за Македонија во моментов, барем за напредување на економската слобода во таква ситуација. Но јас сум навистина импресиониран колку добра работа направија владата и луѓето. Досието на Македонија во последниве години е навистина феноменален во однос на економски прогрес во споредба со останатите држави во Европа. За време на последните десетина години видовме зголемување за 10 поени во економските слободи во Македонија. Тоа е едноставно неверојатно во поглед на нашиот индекс. Имам многу надеж дека во иднина штом се разреши политичката криза, а не се сомневам во тоа, ќе можете да одите напред и да продолжите да правите напредок“, изјави Милер.

Глобално забележан е мал пораст во економските слободи. Во Европа најмногу има подобрување кај скандинавските држави. Балканските земји се уште се делумно економски слободни. САД бележат опаѓање на економските слободи со пласманот на 17-то место во светот.

Според Индексот за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ во 2017-та година забележан е подобар рејтинг на стотина држави во светот.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ