Оперативен план за вработување: Нови 10.000 работни места во 2017-та

17.02.2017 14:45

Вкупно 873 милиони денари се обезбедени за реализација на Оперативниот план за 2017-та година за спроведување на 22 мерки за вработување и 11 услуги на пазарот. Се очекува отворање на 10.000 работни места, со што невработеноста треба да падне под 22 насто наредната година.

Нови 10.000 работни места е предвидено да се отворат со мерките од новиот Оперативниот план за вработување. Државата за реализација на годинашниот план планира да одвои 14,2 милиона евра, односно 2,6 милиони евра повеќе од лани. Најголем дел од работните места се очекува да бидат креирани преку проектот „Македонија вработува“. Невработеноста до 2018-та се проектира да се спушти под 22 проценти.

„Со Оперативниот план за 2017-та ќе продолжи реализацијата на Програмата за самовработување во чии рамки ќе се издвојат средства за формирање нови 1.000 микрокомпании, а грантот од неповратни средства за поддршка за отворање компанија наместо како досега 3.000 илјади, ќе биде зголемен на 4.000 илјади евра“, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Оперативниот план е дизајниран за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот и да се поддржи креирањето нови работни места, вели министерот за труд и социјална политика. Ќе продолжи и поддршката за лицата со попреченост, кои добиваат гранотви за отворање нови микрокомпании.

„Овој план е 11-ти по ред оперативен документ и претставува продолжување во справувањето со предизвиците на пазарот на трудот. Со овој план се утврдуваат програмите“, рече министерот за труд, Ибрахим Ибрахими.

Огласите за новите мерки ќе бидат објавени веќе во понеделник.

„Во буџетот на оперативниот план со 74 милиони денари учествува и ЕУ, преку третиот директен грант за поддршка за вработување на млади лица, со што ќе дадеме и еден осврт на оние на кои најмногу им треба можност, обука и надградување на своите способноси“, рече директорот на АВРМ, Влатко Поповски.

Со оперативните планови во изминатите 10 години биле опфатени повеќе од 102.000 невработени лица. Од нив, вкупно се вработиле 43 илјади луѓе.

 

Дијана Ценевска