Се унапредува средното стручно образование

17.02.2017 16:03

Продолжува практичната работа на средношколците во 54-те проекти за кои Министерството за образование и наука издвои 700 илјади евра. Од проектот не се изземени ниту учениците со специјални потреби од „Партенија Зографски“.

Практичната настава ќе ни помогне во иднина побрзо да дојдеме до работно место, секој ден учиме нешто ново, велат средношколци со оштетен слух и говор од „Партенија Зографски“ кои почнаа со обука во компанија за проектирање, трговија и сервис со термотехнички инсталации.

Менаџментот на компанијата вели дека имаат дефицит од ваков кадар и гледаат голем потенцијал во овие ученици.

Практичната работа е дел од Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации, кој го реализира Министерството за образование преку грантови од Светска банка. Заменикот-министер Ристовски вели- целта е креирање поквалитетен кадар и зголемување на вештините кај средношколците.

Во првата фаза се доделени 10 грантови од 5.000 до 20.000 евра на училишта и компании што заеднички ќе направат проекти. Досега ресорното министерство одобрило 54 проекти за практична настава, а буџетот за реализација е 700.000 евра.

Викторија Милевска