Амбасадорите бараат формирање влада

20.03.2017 15:03

Францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние се надева дека комесарот Јоханес Хан ќе најде решение за спориот процес во Македонија. Што поскоро треба да се формира влада смета австриската амбасадорка Ренате Коблер.

Важно е да се донесе одлука за формирање Влада, затоа што постојат економски и политички предизвици поради кои земјата не може да чека. Се надевам дека комесарот Јоханес Хан ќе најде решение за спориот процес – изјави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние кој посочи дека неговата земја секогаш ќе биде пријател на Македонија и ќе ја поддржува во евроатлантската интеграција.

„Има економски и политички предизвици и секој очекува една силна Македонија, Македонија која ќе биде почитувана во својот територијален интегритет, суверенитет и своето единство. Македонија треба да остане на патот кон ЕУ и НАТО и за тоа е потребна одговорна влада што ќе биде способна да донесува одлуки и реформи и политичари со чувство за општ интерес на земјата“, изјави денеска францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние.

За една земја не е добро кога составувањето на Влада трае премногу долго бидејќи таквата состојба влијае врз функционирањето на институциите- смета австриската амбасадорка Ренате Коблер.

„Се надевам дека наскоро ќе дојде до создавање на нова влада. Наскоро се надевам дека ќе почнат да фунцкионираат институциите- владата, собранието, институциите на локално ниво, бидејќи тоа го заслужуваат граѓаните на оваа земја“, изјави австриската амбасадорка, Коблер.

Еврокомесарот Јоханес Хан и тројката европски пратеници утре доаѓаат во Македонија со цел да направат уште еден обид за излез на земјата од политичката криза.

 

Анита Димитријевска