Побрзо формирање влада

20.03.2017 17:05

Францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние се надева дека комесарот Јоханес Хан ќе најде решение за спориот процес во Македонија...

Важно е да се донесе одлука за формирање Влада, затоа што постојат економски и политички предизвици поради кои земјата не може да чека. Се надевам дека комесарот Јоханес Хан ќе најде решение за спориот процес – изјави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние кој посочи дека неговата земја секогаш ќе биде пријател на Македонија и ќе ја поддржува во евроатлантската интеграција.

„Има економски и политички предизвици и секој очекува една силна Македонија, Македонија која ќе биде почитувана во својот територијален интегритет, суверенитет и своето единство. Македонија треба да остане на патот кон ЕУ и НАТО и за тоа е потребна одговорна влада што ќе биде способна да донесува одлуки и реформи и политичари со чувство за општ интерес на земјата“, изјави денеска францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние.

За една земја не е добро кога составувањето на Влада трае премногу долго бидејќи таквата состојба влијае врз функционирањето на институциите- смета австриската амбасадорка Ренате Коблер.

„Се надевам дека наскоро ќе дојде до создавање на нова влада. Наскоро се надевам дека ќе почнат да фунцкионираат институциите- владата, собранието, институциите на локално ниво, бидејќи тоа го заслужуваат граѓаните на оваа земја“, изјави австриската амбасадорка, Коблер.

Еврокомесарот Јоханес Хан и тројката европски пратеници утре доаѓаат во Македонија со цел да направат уште еден обид за излез на земјата од политичката криза.

 

Анита Димитријевска